Утрото кога влеговме низ штотуку отворените врати на скопската Зоолошката градина знаевме дека нема ќоше што не крие своја приказна. Во секој агол, секое едно животно има своја историја. Која постара, која понова. Но, како и во секое семејство и огромната фамилија- Зоолошка градина во Скопје има свои најстари членови. Малку веројатно е дека сами може да препознаете кој од нив има најмногу години, бидејќи за разлика од луѓето, животните не ги оддава физичкиот изглед. Така е и со Мими, шимпанзо старо 63 години.
Родена на првиот ден од 1960 година, Мими пред да стигне во Скопје имала тежок животен пат. Со оглед дека работела во циркуз, постојано се селела. Откако сериозно се разболела и не можело повеќе да биде дел од циркусите претстави, ја однеле во цвеќара во Германија. Тука толку ги засакува цвеќињата, што денес има остро сетило за препознавање мириси. По Германија, преку холандската компанија ААП доаѓа во Скопје.
Во нејзиното живеалиште, скромно затскриено зад домот на слониците Дуња и Даела, Мими ужива во својот рај. Во друштво на шимпанзата Коко и Изи, тие секој ден создаваат свој мини циркуз. Иако не се во никаква роднинска врска, нивната мала фамилија функционира беспрекорно. Кога едниот лудува, за кусо време се вклучува и вториот, за да третиот биде најпримерен, па ги смирува првите двајца.
„Мими, како што ние си ја викаме нагалено Бабе е најзабавната во групата шимпанза. Таа е онаа која е задолжена за забава и игра на Коко и Изи. Но, во исто време, Бабе е таа која ако дојде до тензии и расправии меѓу помалите, ја смирува ситуацијата. Таа е типичен медијатор во нивната група. Тактиката и е уникатна. Кога ќе сака да ги смири, таа почнува да трча низ живеалиштето, се качува на платформата и многу интересно тропка со нозете“, ни раскажува нејзината зоонегувателка Александра.
Таа вели дека и Мими, исто како и Коко и Изи се природни скенери за секој еден човек.
„Таа точно знае дали денот ти е добар или лош. Ја чувствува секоја наша енергија. Ако е позитивна и таа ќе биде расположена во односот со тебе, но ако почувствува дека имаш негативна енергија, тогаш тешко тебе. Почнува да си подигрува со тебе, да те закачка, да прави белја. Се ќе направи да те насмее и да ти ја смени енергијата и расположението. Така што сфаќаш дека насмевката е решение за сите“, додава Александра.
Мими, како најстар жител на ЗОО има свои посебни ритуали.
Денот и почнува со здравствена проверка на целото тело или таканаречен медицински тренинг кој на нејзиниот негувател му дава јасна слика каква е нејзината општа состојба. Во случаи кога нешто не е во ред, веднаш се алармира ветеринар, кој ако е потребно и дава соодветна терапија.
„Кога ќе помине ваквата проверка, Мими ја добива редовната доза витамини и минерали, според сопствени потреби. Следи појадок по мени, па игра во надворешното живеалиште. Оброците што ги добива во текот на денот се исто така збогатени со витамини кои и помагаат во функционирањето на моториката, чувствителноста, координацијата“, вели Александра.
Она што е посебно интересно, а потекнува од нејзиното претходно искуство е желбата на Мими за цвеќиња.
„Бабе обожува цвеќиња. Едноставно ужива во нив. Кога ќе го земе цветот, таа прво внимателно го мириса, игра со него, за да по некое време почне да го грицка, да го јаде. Тоа не е нешто кое е типично за овие животни, но престојот на Мими во цвеќарата во Германија е причината за нејзината љубов кон цвеќето“, посочува нејзината зоонегувателка.
Александра вели дека секој нов ден со Мими и нејзините другари е ново доживување. Но, има сеќавања кои ќе и останат врежани засекогаш.
„Мими е воодушевена кога чита списанија, ама буквално. Кога ми го кажаа тој факт од ААП јас не можев да поверувам, па веднаш земав списание и и го дадов. Бев љубопитна да видам што ќе прави. Мими почна да ги листа страните и да разгледува, а на оние делови од списанието кои се миризливи тестери, бидејќи беше козметички каталог, таа сама откри дека треба да се изгребат и почна да ги мириса“, раскажува Александра.
Скопската Зоолошка градина која датира од 1926 година е дом на повеќе од 500 животни кои секојдневно се забавуваат со посетителите. Животниот век на шимпанзата во заробеништво е 67 години, а во слобода зависно од негата максималниот животен век е од 70 до 80 години.
„Со оглед на самата природа на шимпанзата, тие не се во позиција како другите животни, за директна интеракција. Посетителите на зоолошката не можат да ги видат шимпанзата одблиску поради тоа што повеќето од нив, ги доживуваат како обичен вид на мајмуни, односно мислат дека можат да ги допрат, да ги погалат. Но, секој допир со шимпанзо може да заврши фатално. Генерално тие се непредвидливи животни и може неочекувано агресивно да настапат. Затоа и се тргнати на страна“, вели нивната негувателка Александра.
Leave a comment