АКТУЕЛНО

ЗНАЕТЕ ЛИ КОИ СЕ ВАШИТЕ ПРАВА? Овие работи лекарот не смее да ги прави без согласност на пациентот!

Секој пациент има низа на свои права кои лекарите треба да ги почитуваат при секоја посета, но и долгорочно лекување на своите пациенти. Проблемот често се јавува кога пациентите не се упатени во своите права, па се чувствуваат незаштитено во односот пациент-лекар.

За да се подигне свесноста за правата на пациентите, од 2007 година, 18-ти април се обележува како Европски ден за права на пациентите. Според законските права, секој има право на пристап до сите информации кои се однесуваат на неговата здравствена состојба, здравствени услуги, начин на нивно користење, но и други можности што ги нудат научните истражувања и иновативни технологии.

Секој пациент има право да учествува во донесувањето одлуки за сопственото здравје и слободно да избира помеѓу различни процедури и интервенции, како и кој ќе му ги даде овие услуги. Во Законот за заштита на правата на пациентите особено е нагласена важноста на правото на доверливост на податоците. Ова се однесува на сите информации за нашата здравствена состојба и можните дијагностички и терапевтски процедури, но и за заштита на приватноста за време на прегледот.

Законот за заштита на правата на пациентите во Македонија е на сила од 2008 година, кога беше усвоен од Собранието. Овој закон го гарантира правото на квалитетна и континуирана здравствена заштита соодветна на здравствената состојба на пациентот, во согласност со професионалните стандарди и етичките принципи, имајќи го предвид најдобриот интерес на пациентот, но и почитување на личните ставови.

Кои се основните права на пациентите, прочитајте во продолжение.

Право на одлучување

Правото на пациентот на учество во одлучувањето го опфаќа правото на информираност и правото на прифаќање или одбивање на определена медицинска интервенција. Правото на пациентот на учество во одлучувањето може да се ограничи по исклучок само кога тоа е оправдано со здравствената состојба на пациентот, во случаите и на начин уредени со овој закон.

Право на информираност

Пациентот има право, во сите фази на здравствената заштита, да биде потполно информиран за:

1) својата здравствена состојба, вклучително и за медицинската процена на резултатите и исходот на одредена медицинска интервенција, како и нејзините најчесто очекувани компликации;

2) препорачаните медицински интервенции, како и планираните датуми за нивно спроведување (програма за третман и рехабилитација);

3) можните предности и ризици при спроведувањето, односно поради неспроведувањето на препорачаните медицински интервенции;

4) своето право на одлучување за препорачаните медицински интервенции;

5) можните замени за препорачаните медицински интервенции;

6) причините за евентуалните разлики на постигнатиот резултат од медицински интервенции во однос на очекуваниот;

7) текот на постапката при укажувањето на здравствената заштита;

8) препорачаниот начин на живеење и

9) правата од здравствената заштита и здравствено осигурување, како и постапката за остварување на тие права.

Разбирливост

Сите претходни информации на пациентот мора да му се дадат на разбирлив и соодветен начин за пациентот, со минимизирање на техничката, односно стручнатa терминологија, со цел да се добијат податоците од важност за третман на пациентот.

Право на второ мислење

Пациентот има право да побара второ стручно мислење за својата здравствена состојба, под услови пропишани со прописите за здравствена заштита и здравствено осигурување за давање на првото стручно мислење. Второто стручно мислење, на усно или писмено барање на пациентот, е должен да го даде секој здравствен работник со најмалку иста стручна подготовка, како и таа на здравствениот работник кој го дал првото стручно мислење, а кој непосредно не учествувал во првичната медицинска интервенција над пациентот.

Име на лекар

Пациентот има право да биде информиран за имињата, стручната подготовка и специјализацијата на здравствените работници кои му укажуваат непосредно здравствена заштита, преку задолжително јавно истакнување на лиценцата за работа издадена од соодветната комора во просторијата каде што работи. Право на информација има и пациент со трајно намалена способност за расудување, во согласност со неговата физичка, ментална и психичка состојба, како и неговиот старател или законски застапник.

Одбивање на прием на информација

Пациентот има право, со писмена и потпишана изјава да одбие прием на информација за природата на својата здравствена состојба и очекуваниот исход на предложените или преземени медицински интервенции. Пациентот не може да се одрече од правото на информација во случаите во кои мора да биде свесен за природата на својата болест, за да не го загрози здравјето на другите.

Право на прифаќање и одбивање на определена медицинска интервенција

Пациентот има право да прифати или да одбие определена медицинска интервенција, освен во случаите на медицински интервенции чие одложување или непреземање би го загрозило животот и здравјето на пациентот, односно животот и здравјето на други лица или би предизвикало привремено или трајно оштетување на неговото здравје, односно здравјето на други лица. Прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција пациентот го изразува со потпишување на изјава. Формата и содржината на образецот на изјавата за согласност, како и на изјавата за одбивање на определена медицинска интервенција, ги пропишува министерот за здравство. Слепо лице, глуво лице кое не знае да чита, немо лице кое не знае да пишува и глувонемо лице, прифаќањето или одбивањето на определена медицинска интервенција го врши со изјава дадена пред двајца сведоци.

Пристап кон медицинското досие

Пациентот има право да биде информиран дека за него се води медицинското досие и има право на увид во тоа досие. Пациентот има право на свој трошок во реален износ да добие извод или копија на податоци и документи од медицинското досие. Пациентот има право да бара појаснување на податоците од медицинското досие што се однесуваат на него. Податоците од медицинското досие се ажурираат на начин што обезбедува при внесот на нови податоци, да можат да се утврдат првично внесените податоци. Пациентот има право писмено да овласти лице кое ќе ги остварува во негово име правата, за време, како и после престанокот на неговиот третман и лекување. Во случај на смрт на пациентот, ако тоа пациентот за време на својот живот изречно не го забранил, право на увид во медицинското досие на пациентот има брачниот или вонбрачниот другар на пациентот, полнолетно дете, родител, полнолетен брат или сестра на пациентот, како и законскиот застапник, односно старателот на пациентот. Лицата имаат право на свој трошок, во реален износ да добијат извод или копија на документи од медицинското досие на пациентот.

Право на доверливост

Пациентот има право на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци. По исклучок, податоците за пациентот можат да бидат откриени, ако:

  • Пациентот даде писмена согласност,
  • Се неопходни за медицинска интервенција на пациентот во друга установа,
  • Се неопходни за обработка пропишана со закон, од страна на здравствена установа што обезбедува здравствени услуги на пациентот,
  • Се искористат во историски, научни, истражувачки или едукативни цели, под услов идентитетот на пациентот да не може да се открие и – тоа е во согласност со друг закон со цел за заштита на животите, безбедноста или здравјето на други лица.

Откривањето на податоците се врши на начин и до степен до кој се остварува целта на откривањето на информацијата и се заштитува во најголема можна мера тајноста на податоците. Податоците за пациентот се чуваат во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци. Човечките субстанции од коишто може да се идентификува пациентот мора да се чуваат во тајност, во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Пациентот треба да даде писмена или усна изјава за лицата на кои може да им се даде информација за неговиот прием во болничка здравствена установа, односно изјава за лице за натамошна комуникација, како и за неговата здравствена состојба, односно за лицата на кои не смее да им се даде таква информација. Согласноста за давање на информации може да се претпостави само во случаи кога тие се даваат на друг здравствен работник, односно установа што продолжува да му укажува здравствена заштита на пациентот.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

„Анима мунди“ бара да почне процес на затворање на зоолошките градини

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара да се започне процес...

АКТУЕЛНО

Хуманитарен настан за лекување на Кара Селовска

Општина Центар денес во Паркот на Франкофонија организира музички хепенинг за собирање...

АКТУЕЛНО

Четирите дами на „Destiny Quartet“ ги наполнија со љубов срцата на публиката во Филхармонија со „Јовано Јованке“ и „Џипси сонг“

Четирите дами Гергана Алексиева и Венета Гудева на виолина Александрина Митева на...

АКТУЕЛНО

Јуниорите на Работнички ќе тренираат бесплатно во салата на „Коле Неделковски“

Советот на Општина Центар го усвои предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски за...