Потпишан е договорот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во реката Вардар. Како што објави САКАМДАКАЖАМ.МК. после неколку месеци одлагање без причина, договорот со фирмата изведувач и фирмата која ќе го врши надзорот е потпишан пред неколку дена. Градоначалничката Данела Арсовска не објави, ниту пак закажа прес-конференција за да ги соопшти деталите од договорот за овој капитален проект за градот.
Договорот е склучен со германската фирма која била подобро бодувана во текот на целата постапка што ја спроведуваше посебно формирана проектна единица. На тендерот покрај германската фирма понуда имаше доставено и турска фирма. Политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Арсовска ја фаворизира токму турската фирма.
Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во реката Вардар ќе чини 200 милиони евра од кои 136 милиони евра се кредит земен од Европската инвестициска банка, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската унија кој беше доделен на државата пред еден месец. Целата постапка за спроведување на тендерот се одвиваше преку ЈП „Водовод и канализација“, но со учество на претставници на европските банки кои го финансираат проектот.
Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540 000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 проценти од искористената вода ќе може да се употреби што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од реката Вардар која тече од Скопје кон Егејско Море да биде помалку загадена.
Leave a comment