КУЛТУРА

13 македонски филмови на петтото издание на „Златна рамка“

Со проширена програма, бесплатни проекции и трибини од 20-22 април ќе се одржи „Златна рамка 2023“ во организација на ДФРМ

Тринаесет македонски филмови снимени лани ќе бидат прикажани бесплатно на петтото издание на „Златна рамка“, информираа денеска организаторите на средба со претставници од медиумите.

Со проширена програма, бесплатни проекции и трибини од 20 до 22 април, ќе се одржи „Златна рамка 2023“, со наслов „Во наш филм“, во Кинотеката и киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Новина е што филмски проекции бесплатно ќе бидат прикажани во студентскиот дом „Гоце Делчев“, како и во домот за стари лица „Мајка Тереза“ и во казнено-поправната установа „Затвор – Скопје“.

Како што беше појаснето, филмската манифестација „Златна рамка“ веќе пет години претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне сите македонски филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а кои се финансирани од буџетот на државата и поддржани од Агенцијата за филм. Оваа година, манифестацијата е планирано да понуди вкупно 13 филмски остварувања од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, три документарни и седум краткометражни филмови.

Љубителите на филмот ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Мими“ на Даријан Пејовски и „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска, како и документарните филмови „How do you define arrogance“ режиран од Небојша Илијевски, „Фениксот од Кавадарци  -Васил Хаџиманов“ во режија на Мишо Нетков и „Звукот на тишината“ на Анастасија Лазарова. Краткометражната програма ќе се одвива во Киното „Фросина“, во рамките на која, во петок, на 21 април ќе бидат прикажани „Тале и Корона“ во режија на Томислав Алексов, „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Обичната Ели“, режиран од Лавинија Софрониевска.

На 22 април ќе бидат прикажани „Синиот час“ во режија на Ана Јакимска, „Си беше еднаш еден звук“ на Огнен Шапковски, „Бесценета“ режиран од Дејан Јиованов и „Соло Мод“ во режија на Тамара Котевска.

Според претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов-Изи, петтото издание на „Златна рамка“ акцентот го става на успехот на домашната кинематографија во текот на изминатата година.

– Друштвото на филмски работници како основач и организатор на оваа филмска манифестација има за цел пред јавноста да ја презентира севкупната продукција во изминатата календарска година, како отчет за сработените филмови поддржани од Агенцијата за филм. ДФРМ на своето редовно годишно собрание што ќе го означи почетокот на „Златна рамка 2023“, ќе го избере  директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за период од две години. ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на фестивалот „Браќа Манаки“, кој почнувајќи од 1979 година е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Оваа година, во месец септември е планирано да се одржи 44. издание на „Браќа Манаки“, истакна претстедателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.

Уметничкиот координатор на „Златна рамка“, Ана Василевска ја потенцираше важноста на манифестацијата за публиката желна за дела од домашната филмска продукција.

– „Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголем број од домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги креирале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја проекција, подвлече Василевска.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Министерството за култура го објави конкурсот за Град на културата за 2024 година

Министерството за култура го објави конкурсот за финансирање проект од национален интерес...

КУЛТУРА

Седмо издание на „Винодонија“ на 8. и 9. декември во Скопје

На 8 и 9 декември во Скопје ќе се одржи седмото издание...

КУЛТУРА

Премиера на претставата „Пикник на фронтот“ во Драмски театар Скопје

Премиера на претставата „Пикник на фронтот“ вечерва ќе се одржи во Драмскиот...

КУЛТУРА

Операта „Кармен“ од Жорж Бизе вечерва во НОБ

Операта „Кармен“ од Жорж Бизе, ќе се изведе на сцената на Националната...