КУЛТУРА

НОВА КНИГА НА БЛАЖЕ МИНЕВСКИ: Автентични сведоштва за тајните средби на Гоце Делчев и неговата љубов Јанка Каневче

Излезе од печат романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, во издание на „Матица македонска“ од Скопје.

Од издавачката куќа посочуваат дека во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва за тајните средби на Гоце и Јанка, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите на Јанка од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во срцето и она што го живее како судбина.

Македонското министерството за култура, предводено од Бисера Костадиновска-Стојчевска, одби да ја поддржи приказната за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче.

Авторот на романот работел дваесет години.  Тоа бил период на истражување во архиви, собирање документи, разговарање со живи потомци и секако авторска реконструкција на средбите, плановите и сите чувства и соништа кои ги имале двајцата љубовници.

Во романот како прилог се објавуваат ексклузивни интимни записи, непознати документи, писма на Јанка до Гоце, факсимили од нејзиниот дневник, досега необјавени фотографии од потомците на Јанка од бракот со Михаил Герџиков. Романот го поставува прашањето дали може да се биде среќен без чувства. Големата љубовна афера меѓу Гоце и Јанка започнала кога таа имала дваесет и две, а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само „ако се родат некакви чувства“. Гоце знаел дека нема среќа без емоции или, поточно, додека има чувства, има и среќа. Во основа, станува збор за љубовен роман од околу 500 страници, со многу емоции и пресврти, со поетски набој, сo лирски развиена фабулација и постмодернистичка наративна структура.

„Романот на Блаже Миневски за љубовната одисеја на Гоце Делчев и неговата љубена Јанка Каневче од Охрид има значење на тектонски удар во историјата на македонската проза. Тоа е дело за невозможната љубов во време кога „Македонија е спрострена како пациент на болничка маса“, пишува Јордан Плевнеш во својот есеј за романот.

Претчувствувајќи го сопствениот крај, истакнува Плевнеш, Гоце одлучува да му каже на својот најверен пријател Михаил Герџиков: Ако се родат некакви чувства, вие со Јанка изградете љубовно гнездо, бидејќи јас сум пред венчавање со Македонија во бескрајните предели на Подземната република.

Романот ќе биде промовиран на 4 мај, денот кога Гоце пред 120 години беше предаден и убиен во Баница!

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Филмови на Јан Кадар во Кинотека

Филмови на еден од најголемите режисери на денешницата, словачкиот режисер Јан Кадар...

КУЛТУРА

Изложба на фотографии на украинска визуелна уметница Софија Чотирбок

Во Националната Галерија Мала Станица се отвара изложбата на фотографии насловена како...

КУЛТУРА

Традиционален „Зимски салон 2024“ на ДЛУМ во Чифте амам

„Интимност и интерконекција“ (Intimacy and Interconnection) е насловот на биеналната изложба „Зимски...

КУЛТУРА

„Кобалт Синергија“ во галеријата на МКЦ

Во галеријата на Младински културен центар во Скопје овој петок (23 февруари)...