АКТУЕЛНО

ВО „ТРЕСКА“ СЕ УРИВА ЗА ДА СЕ ПОЧНЕ СО ГРАДЕЊЕ ЗГРАДИ: Стручната јавност бара да се спроведе конкурсот

Со засилено темпо се расчистува просторот на некогашната фабрика „Треска“ каде треба да никнат 30-тина нови згради. Досега во Општина Центар се поднесени 4 барања за одобренија за градење, но сè уште не е издадена ниту една градежна дозвола. Издадено е едно одобрение за дооформување на парцела односно еден инвеститор побарал да откупи државно земјиште заради зголемување на својота парцела, што всушност е еден од чекорите пред да се почне со градба.

Со тоа во „Треска“ наскоро ќе почне да се гради иако стручната јавност бара да се направи нов Детален урбанистички план за овој дел според конкурсот кој го распиша ексградоначалникот Саша Богдановиќ. Но, градоначалникот Горан Герасимовски конкурсот не го спроведува. По доаѓањето на функцијата пред година и половина изјави дека не може на лица кои имаат приватни имоти да им се забрани да дооформуваат парцели и да бараат дозволи за градба.

„Почнати се процедури за расчистување на објектите од страна на сопствениците на одредени парцели. Иако нема градинка предвидено, ние правиме напор со сопствениците односно инвеститорите што во иднина би граделе во тој дел да направат градинка што би ја донирале на општината“, рече Герасимовски викендов во интервју за Радио Слободна Европа.

Државата на оваа локација поседува околу 40 отсто од државното земјиште. Досега во Општината стигнати се 17 барања од сопственици на парцели за купување на државно земјиште заради дооформување на парцели. Градоначалникот вели дека поднесените барања се за 10 до 15 отсто од она што државата го поседува.

На „Треска“ ќе се гради според стариот план донесен во време на ВМРО-ДПМНЕ кој власта на СДСМ и ексградоначалникот Саша Богдановиќ го критикуваа велејќи дека не овозможува хумано живеење и зградите ги нарекуваа „наполитанки“. Со планот се дозволува да никнат 30-тина нови згради, со катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје плус 5 ката и поткровје.

Идејни решенија за уредување на просторот на „Треска“ кои стигнаа на конкурсот.

Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ кои имаат четири советници во Советот на Општина Центар пред четири дена уште еднаш побараа од градоначалникот Герасимовски да го спроведе конкурсот.

„Помина скоро година и 5 месеци откако жири комисијата составена од 9 члена ги објави резултатите од конкурсот за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката ‘Треска’. Исто толку време Општината и градоначалникот на Центар одбиваат да ги објават проектите и како што тоа е ред, да ги поканат авторите јавно да ги објаснат своите визии како сметаат дека треба да се уреди последниот голем градежен простор во Центар. Во планот донесен кога на власт беше ВМРО, а кој оваа власт го смета за важечки, просторот е покриен со згради како наполитанки. Условите во конкурсот бараа авторите да го проектираат овој простор на начин што приватните сопственици ќе добијат право на градба на згради, а општината ќе го задржи јавното земјиште и на него ќе организира јавен простор како парк и детска градинка. Но, ваквите идеи од конкурсот инициран од претходниот градоначалник, сегашниот градоначалник кој за себе вели дека е „транспарентен“ ги смета за незаконски и неспроведливи. До таа мера што не сака ниту да ги објави проектите наградени од стручната жири комисија и со пари од граѓаните од Центар“, велат од „Шанска за Центар“.

Тие на својата фејсбук страна објавија и слики од проектите кои стигнале на конкурсот според кои покрај згради се предвидуваат и јавни површини, паркови и градинка, а зградите се скалести односно не се нацртани една до друга како што е со постојниот план.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

Од утре стартува дневната евтина тарифа на струјата

Од утре стартува евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13...

АКТУЕЛНО

Кисела Вода набавува мерна станица за квалитет на воздух што ќе се постави кај Цементарницата

Општина Кисела Вода вчера го распиша огласот набавка на мерна станица за...

АКТУЕЛНО

Скопската зоолошка градина демантира дека немаат адекватен кадар за грижа за животните

Скопската зоолошка градина има двајца дипломирано ветерирани со полно работно време кои...

АКТУЕЛНО

Започна реконструкцијата на улицата „Калош Дани“ во Карпош

Започна реконструкцијата на улицата Калош Дани во општина Карпош. Екипите на јавното претпријатие...