ПРИКАЗНИ

КОИ ПРОБЛЕМИ НАЈЧЕСТО ГИ ТЕРА ДЕЦАТА ДА БАРААТ ПОМОШ НА АЛОБУШАВКО: Булинг, нарушени семејни односи, страв и возмнемиреност 

Проблеми со гнев, емоционална вознемиреност, врсничко насилство, нарушени семејни односи се најголем дел од проблемите за кои се обраќале децата и младите изминатот период на Ало Бушавко – телефон за деца и млади овозможен од страна на Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Од тимот на Меѓаши велат дека пријавувањето на проблемите е добро бидејќи укажува на зголемена храброст да се пријави, но е и показател дека некои работи се повторуваат, поради што е потребна зголемена едукација и советувалишта.

Како настанал светот? – е најнеобичното прашање кое било поставено досега од едно седумгодишно дете на една од повозрасните волонтерки што укажува на фактот дека волонтерите мораат да имаат сестрано познавање од секакви животни ситуации како и големо психофизичко трпение и животни вештини.

На АлоБушавко – телефонот за деца и млади во моментот се ангажирани 12 волонтер(к)и кои активно учествуваат во реализација на тековните активности на АлоБушавко – телефонот за деца и млади и се јавуваат на повиците во текот на дежурствата во попладневните часови во работните денови, како и во викендите. Со тимот на Ало Бушавко разговаравме за типот на проблеми за кои најчесто се јауваат децата и младите и што е она што најмногу ги мачи.

  1. АЛО БУШАВКО е комуникациска платформа преку која децата на возраст од пет до 18 години може да споделуваат емоции, потреби и да се информираат за совет или помош. Која возрасна група најчесто ја користи оваа платформа?

МЕЃАШИ: Немаме конкретна статистика, кои од посетителите на која возрасна група и припаѓаат но гледано според возрасната група на дојавувачи во Годишниот извештај на АлоБушавко за 2022 година, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 7 до 9 години и од 10 до 12 години. Она што е значајно за 2022 година и што е навистина значаен чекор во работата на АлоБушавко е тоа што волонтерите на линијата имаа можност да стапат во контакт со 28 деца и млади, на возраст од 7 до 18 години, и соодветно да одговорат на нивните потреби и прашања согласно возраста.

  1. Во Вашиот последен извештај беше напоменато дека околу 35% од обраќањата на децата се врзани за менталното здравје. На што се се жалат најмладите, што е она што најмногу ги мачи?

МЕЃАШИ: Изминатата 2022 година, прв пат после подолг временски период на АлоБушавко – телефонот за деца и млади 070 390 632, високо на првото место котираше категоријата Ментално здравје која според индикаторите на Child Helpline International ги опфаќа подкатегориите: Зависно однесување, Загриженост за себе, Емоционална вознемиреност – проблеми со гневот, страв и вознемиреност, проблеми со расположението, Проблеми со однесувањето во исхраната, Самоповредливи однесувања, Употреба на супстанции, Самоубиствени мисли и обиди за самоубиство. Од нив за 2022 година најзастапени беа: Загриженост за себе – 21 дојави, Емоционална вознемиреност – проблеми со гневот – 20 дојави, Емоционална вознемиреност – страв и вознемиреност – 111 дојави, Емоционална вознемиреност – проблеми со расположението – 65 дојави, Проблеми со однесувањето во исхраната – 18 и други проблеми поврзани со менталното здравје – 70 дојави. Децата и младите своето незадоволство и нелагодност ги манифестираат со емоционална вознемиреност поврзана со искуството на лутина или фрустрација. Најчесто причинител за ваквата психолошка состојба кај децата во дојавите што ги добивме е односот на родителите што произлегува од бракоразводите; неусогласеноста на родителите за гледање со детето, односно неостварување контакти и средби на еден од родителите со детето или децата по разводот и по доделување на старателството на еден од родителите. Како причина за емоционална вознемиреност се појавуваат и интерперсоналните односи во образовниот процес (врсник – врсник, наставник – ученик).

3. Имало ли ситуации кога на телефон или преку пишување ви се обратиле деца во лутина, афект и слично?

МЕЃАШИ: Неретко се случува децата и/или младите да ни се обратат кога се во афект. Лутината е емоција која вклучува силно чувство на незадоволство и непријателство предизвикано од нешто реално или нереално. Фрустрацијата е емотивен одговор на незадоволство што може да се појави кога некој ќе наиде на отпор кон постигнување некоја цел. Емоционалната вознемиреност е одговор на повеќе различни причини поради кои бил остварен контактот. Најчесто помалите дечиња на возраст од 7-9 години ни се обраќале кога ќе се скараат со другарчето, зошто не му давало половинка од ужинката или пак дека му се исмејувало па детенцето што ни се јавува ни споделува дека она што го научило преку детските работилници во Меѓаши, му го укажало на другарчето и на крајот се смириле. Од друга страна, тинејџерите или адолесцентите се повеќе загрижени за себе и друштвото и често се појавува кај нив загриженост за себе, страв и вознемиреност. На пример последните неколку месеци иако анонимно, континуирано комуницираме со тинејџер/ка кој/а е вознемирен/а за односот со соучениците (исмевање, заљубеност, панични напади) и неразбирање и поддршката од својот родител – се се тоа типични расположенија за адолесцентите со кои ние на АлоБушавко секојдневно се среќаваме а притоа се проблеми кои се отсликуваат во општеството.

  1. Која случка или решавање на некој проблем кај дете има оставен најголем впечаток од кога функционира АЛО БУШАВКО?

МЕЃАШИ:  Верувам дека доколку ги прашаме сегашните волонтери на АлоБушавко, секој/а од нив ќе каже барем една случка за време на нивното дежурство. Впрочем, уште од самите почетоци на ребрендираната линија за деца и млади имаше секаков вид на прашања, случки и интересни разговори. Но најнеочекувано беше прашањето на една наша волонтерка, професорка во пензија која го доби прашањето од едно 7 годишно дете : Како настанал светот? Ваквите прашања ни укажуваат на случки кои не се предвидливи и дежурството бара сестрано познавање на волонтерот од секакви животни ситуации како и големо психо-физичко трпение и животни вештини.

  1. Имало ли некои негативни, да не речеме лоши искуства и ситуации?

МЕЃАШИ: Важно е да се знае дека работата како СОС оператори на АлоБушавко – телефонот за деца и млади е навистина емоционално интензивна работа која е непредвилива и не се знае во каква состојба нѐ очекува личноста од другата страна на слушалката. Изминатите 30 години скоро и да немало значајно негативни искуства и/или ситуации, но можеме да кажеме дека имало такви кои се однесувале на нетрпеливост од страна на дојавувачите во однос на нашата немоќ во истиот момент да им се реши проблемот кој е настанат од недоволната или одложена реакција на некои од институциите со месеци/години наназад. Често се случува да бидеме повикани како државна институција, која ги има сите интегренции, а во суштина како невладина организација нашите ингеренции се ограничени и за жал не секогаш наидуваме на разбирање од возрасните дојавувачи.

  1. Булингот е тема за која често се зборува, но не доволно гласно. Има ли деца кои се жртви на врсничко насилство, а кои бараат помош од вас?

МЕЃАШИ: За жал да, изминатите 10 години меѓуврсничкото насилство е честа дојава. Генералниот заклучок за изминатата деценија, на АлоБушавко – линијата за деца и млади за период од 2012г до 2022г опфатени се 70 тина деца со овој проблем. Зависно од годината, бројот се зголемува односно намалува за 2 до 3 деца на годишно ниво. Исклучок се последните 2 години во кои има најголема отстапка односно најголем број на деца опфатени има во 2022 година односно 25 деца, додека во 2021г бројот на деца опфатени со меѓуврсничко насилство бил 5. Токму затоа, нашите напори за зголемување на свесноста за присуството и пријавувањето на меѓуврсничко насилство во општеството особено во училиштата е тема на работа во многу полиња од активностите на Детската амбасада Меѓаши, како што се со Алтернативниот извештај од деца во 2020, Истражувањето за правата на децата на територија на Град Скопје, 2022, Мировното образование,, Детски работилници во сите основни и средни училишта во Македонија од 2021 год..

  1. Разводот е траума за секое дете и остава и тешки последици по психата на децата. Какво е вашето искуство во тој дел?

МЕЃАШИ: Проблемите од категоријата „Семејни односи“ учествуваат со 17% во вкупниот број проблеми за 2022. Голем број деца, дури 145 дојави се регистрирани во оваа категорија проблеми, а се однесуваат на проблемот со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа, по основ правото на контакт или средби на детето со другиот родител кој не е старател. За жал оваа категорија на проблем котира на првите три места по застапеност во годишните извештаи на АлоБушавко изминатите 10тина години. Најчесто во оваа категорија најзастапено е емоционалното или психичкото насилство, што придонесува за присуство на емоционална возмемиреност придружена со страв, вознемиреност, нарушено расположение и гнев кај децата и младите. Се случува некои од родителите да не се свесни во каква непријатна/незавидна положба ги ставаат своите деца до степен да ги приморуваат децата да изберат еден од родителите, кој повеќе го сакаат, што е апсолутно спротивно за нивниот правилен раст и развој.

  1. Колку лица се ангажирани на оваа платформа и како се станува волонтер, доколку некој е заинтересиран?

МЕЃАШИ: Волонтерките и волонтерите секогаш биле и се многу важен дел од работата на телефонот за деца и млади. Секоја година се регрутираат нови волонтери/волонтерки кои добиваат континуирана обука на различни теми. Во рамки на активностите на Детската амбасада, постојат повеќе отворени волонтерски позиции распределни според возрасната група и можностите на волонтер(к)ите. Конкретно, на АлоБушавко – телефонот за деца и млади во моментот се ангажирани 12 волонтер(к)и кои активно учествуваат во реализација на тековните активности на АлоБушавко – телефонот за деца и млади и се јавуваат на повиците во текот на дежурствата во попладневните часови во работните денови, како и во викендите. Постапката за да се биде волонтер/ка на АлоБушавко телефонот за деца и млади е лесна, првенствено треба да се мотивирани и со желба да дадат свој придонес за децата и младите. Волонтер(к)ите се студенти/апсолвенти ( најчесто од општествените науки) и/или веќе дипломирани лица. Дополнително, за останатите волонтерски позиции имаме волонтер(к)и средношколци, вкупно 5, кои својата креативност ја изразуваат преку дизајнирање содржини за социјалните мрежи на Детската амбасада и пишување искуствени текстови за веб – страницата alobushavko.mk. Доколку некој/а би сакал/а да се придружи на волонтерскиот тим на Детската амбасада може да ни напише мејл: alobushavko@childrensembassy.org.mk или да нѐ контактира преку телефон на 070 390 632.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

МАГАЗИНПРИКАЗНИ

Зоолошката градина во Загреб – волшебен микросвет кој плени со својата хармонија

Зоолошката градина на градот Загреб е една од трите зоолошки градини во...

ПРИКАЗНИ

Што може да посетите во Скопје оваа зима

Директните летови за Скопје почнуваат на 18 декември. Одбравме осум работи што...

ПРИКАЗНИ

КУПУВАЈТЕ САМО ОД ВИСТИНСКИ ПЧЕЛАРИ: Продажбата на фалсификуван мед се поголема

Како да се препознае вистинскиот мед од напливот на се поголемиот број...