Со годишна потрошувачка на шеќер од 36,7 килограми по глава на жител, земјава е прва во регионот по најголема консумација на благо, а високо позиционирана е во цела Европа.
Ова го покажува анализата за потрошувачка на шеќер во Европа објавена на веб-страницата „Landgeist maps“. Податоците се преземени од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) и не вклучуваат само суров шеќер, туку и количините во производите што содржат шеќер.
Следна земја од регионот со најголема потрошувачка на шеќер е Хрватска со потрошувачка од 33,8 килограми по глава на жител, Грција со 31,6 килограми и Бугарија со годишна потрошувачка на шеќер од 27,5 килограми по глава на жител.
Србите годишно консумираат по 22,4 килограми шеќер по глава на жител, а потрошувачката на шеќер во Црна Гора е 21,2 килограми годишно. Најмалку шеќер од регионот конзумираат Словенците (19,4 кг), Албанците (18,6 кг) и граѓаните на Босна и Херцеговина (18,3 кг).
Според анализата на веб-страницата „Landgeist maps“, потрошувачката на шеќер е најголема во западна и централна Европа. Со годишна потрошувачка од 48,3 килограми шеќер по глава на жител, Белгија е прва во Европа и една од земјите со најголема потрошувачка на шеќер во светот.
Други европски земји во кои годишната потрошувачка на шеќер е над 40 килограми по глава на жител се Полска (45,7 кг), Малта (43,8 кг) и Данска (40,4 кг). Најмалку слатко, пак, се консумира во Луксембург – 10,8 килограми, што е огромна разлика во споредба со неговите соседи.
Leave a comment