Министерството за внатрешни работи ги алармираше граѓаните дека кај нив има огромен број на пријави од лица за добиена електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол. Пораката всушност е вид на некакво барање за судско појаснување, во кој примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела.
МВР информира дека станува збор за лажна порака која не е испратена од нивна страна, ниту од било која институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кои целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба.
„Апелираме на посебно внимание и совет до граѓаните овие пораки да не ги отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани“, советува МВР.
Истовремено, министерството предупредува граѓаните да не ги отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на нивниот компјутерски систем од малициозен софтвер.
“Ваквите обиди за измама со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот“, објаснуваат од МВР.
Оттаму информираат и дека во Секторот за компјутерски криминал е пријавено дека е изработена лажна веб страна на Управата за јавни приходи, од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк. Апелираме, велат од МВР, граѓаните да не ги отвараат ваквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки затоа што станува збор за измама.
Leave a comment