Македонскиот Биг Бен или градската Саат кула, одамна не ја врши својата функција и повеќе од една деценија не го покажува точното време. Овој споменик на културата од шеснаесетиот век се наоѓа во дворот на Султанмуратовата џамија.
Саат кулата била изградена во периодот помеѓу 1566 и 1573 година. Во текот на своето егзистирање таа повеќе пати била поправана и преправана, а својот сегашен изглед го добила кон крајот на 19-ти век и почеток на 20-ти век.
Општоприфатено е мислењето дека Султанмуратовата џамија и Саат кулата се подигнати на местото на познатата скопска средновековна црква „Св. Ѓорѓи Скоропостижник“.
Според досегашните сознанија, таа е прва саат кула подигната на територијата на тогашното Турско Царство. Треба да се напомене дека нејзиниот долен, односно ѕидан дел не бил специјално граден, туку едноставно за оваа намена била искористена една од четирите кули во составот на бедемите што го штителе манастирот Свети Ѓорѓи Скоропостижник.
Кулата претрпела низа оштетувања низ годините. Во 1689 за време на пожарот и во 1963 година за време на скопскиот земјотрес кога била сериозно оштетена.
„Објектот бил сериозно оштетен во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година и на него се извршени пообемни конзрваторски интервенции. Последни интервенции на објектот се вршени во 2016/17 година. Овие интервенции се реализирани со заеднички проект на НУ Национален конзерваторски центар Скопје и Турската ТИКА (Турска агенција за соработка и координација). Овие интервенции претставувале конзерваторско-реставраторски работи на санација на конструктивни оштетувања, конструктивна консолидација, санација на оштетените дрвени елементи, фасадите, кровот како и партерно и хортикултурно уредување на околината“, објаснуваат одговорните од Конзерваторски центар Скопје.
Во 1963 год. бил изгубен и механизмот на часовникот,а нови дигитални часовници се поставени во 2008 година како донација од општина Чаир.
„На првобитно изградената кула постоел часовник кој бил донесен од Сигет, Унгарија заедно со часовничар кој бил задолжен да се грижи за работата на часовникот. Подоцна, во текот на своето постоење при реконструкција на кулата (1902 год.) поставен е нов часовник со четири броила кој бил донесен од Швајцарија. Овој часовник пред скопскиот катастрофален земјотрес е изваден за да се однесе на поправка, но никогаш не е вратен на објектот. Во 2008 година на објектот Општина Чаир поставува нов часовник донесен од Швајцарија. Евидентно е дека недостасува редовно одржување на часовникот како би можел истиот да биде повторно ставен во функција“, велат од Конзерваторскиот завод – Скопје.
105 – те скали од дабово дрво во внатрешноста на Саат кулата наспроти хичковските 39 скали се уште пофасцинантни поради длабоката историја која ја носат.
За жал, ова наше културно и историско минато никако да го направиме пристапно за посетителите. Малата врата за влез во оваа временска машина е постојано заклучена и практично е невозможно за сите посетители да вдишат дел од историјата и да уживаат во панорамската глетка на Скопје која ја пружа Саат кулата.
Leave a comment