Набргу по донесувањето на владината одлука за формирање на национален џез оркестар, дел од вработените во Македонска Филхармонија на чело со директорката Тина Иванова излегоа со петиција за да не го делат нивниот објект со новоформираната институција за џез.
Како што се вели во соопштението до јавноста од Македонска филхармонија: „Колективот на Филхармонијата само упатува на претпазливост со просторот кој е наменски проектиран за една институција, во случајов Филхармонијата и егзистирање на други институции кои колку и да се тие навидум сродни со филхармониската дејност ќе ја нарушат дневната професионална функционалност на филхармонискиот ансамбл. Џезот е сепак поблизок до естрадата и популарната музика и затоа не е потребно да биде сместен во филхармонија“.
Според нив, џезот не треба да се меша со културата од овој ранг, затоа што сепак Филхармонија е најстарата културна институција во државата и не треба да се меша со ништо друго, бидејќи е исто така и една од најважните носители на културата во Македонија.
Здружението за џез музика излезе во јавноста со нивен увид на реакцијата од нивните колеги. Според нив оваа реакција е неоснована, бидејќи голем дел соработки претходно биле реализирани во соработка со нивните колеги од Филхармонија.
„Разбирлив е отпорот кон промени, но не можеме да ги оправдаме ниту прифатиме како основани изнесените ставови од страна на нашите колеги. Имено, би сакале да ги потсетиме нашите колеги за нашите заднички реализирани проекти и потврдената квалитетна соработка во текот на овие 7 години работење на ЗЏМ Биг Бендот. Ова е период во кој Биг бендот успеа да реализира огромен број концерти во преполни сали за кои се бараше билет плус, на кои како гости учествуваа значајни имиња од земјава и регионот и чиј квалитет беше препознаен од целата македонска јавност, а дел од тие концерти беа реализирани во соработка токму со нашите колеги од Филхармонија. Драги ни се овие соработки со Филхармонија, голем дел од концертите и пробите за овие концерти се случуваа токму во просториите на Филхармонија, па можеби затоа природно произлегла идејата нашата институција да има свое седиште токму во овие простории.
Ако земеме предвид дека станува збор за две институции кои функционираат на исто поле – музика, уметност, култура, наше мислење е дека овие институции треба синергично да соработуваат, заедно давајќи придонес во создавањето културни вредности. Во нашиот случај станува збор за новооформена институција, за прв пат после толку години во нашата земја има џез оркестар, па од наш заеднички интерес е да делуваме смирено и сплотено, најколегијално сите да придонесеме во формирањето на уште една културна установа која ќе промовира вистински вредности и висок квалитет“ – велат од ЗЏМ.
Да се надеваме дека ќе се најде решение со кое ќе се задоволат двете страни, затоа што на Скопје и скопјани потребни им се двете институции за да можат да се носат рамо до рамо со светските метрополи.
Донесувањето на одлуката на Владата за формирање национален џез оркестар, значеше и вдомување на оваа институција во објектот на Филхармонија. Симфонискиот оркестар при Македонска Филхармонија се до 2017 функционираше во рамките на тогашната Македонска опера и балет.
Leave a comment