АКТУЕЛНО

ГРАЃАНИТЕ РЕВОЛТИРАНИ ЗА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ: За еден километар со автобус ти треба повеќе од еден час

Откако во ноември приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ престанаа да возат вистинско мачење е движењето за граѓаните кои користат јавен превоз. Фото: Данаил Петровиќ

Јавното сообраќајно претпријатие  (ЈСП) веќе со месеци им задава мака на граѓаните со тоа што возниот ред на автобуските линии го проретчи и намали за три пати помалку. Граѓаните мака мачат да стигнат на време на работа. Ако претходно им требало половина час за да стигнат до посакуваната локација, сега за тоа им треба час и половина. Градот сериозно си игра со времето и нервите на граѓаните. А времето е нешто најскапоцено кое го имаме и кога е залудно потрошено заради нечие неправилно работење е навистина трагично.

Директорите и градските челници можеби треба да почнат да го користат градскиот превоз за да увидат што направиле со него и какви проблеми предизвикуваат со тоа што веќе месеци немаат идејно решение за него. Од страна и од автомобил не се решава овој проблем. Овој проблем го засега 80% од населението, кое е повеќе од гневно и револтирано, велат скопјани со кои разговаравме.

„Автобус со број 57 од Бутел реално не може да ги опслужи сите граѓани од овој дел на градот, заради тоа што се укинати две автобуски линии со број 19 и 20 (приватни превозници сообраќаа по овие линии) а линијата 57 некогаш доцни и по еден час. На автобуската станица Бутел Пазар се собираат и по 25 луѓе, што е реално една четвртина од капацитетот на еден автобус, кажува 25-годишната .Ј.В.

„После долго време имав потреба да користам јавен превоз. Ужас. За релација од километар и половина од Карпош 1 до после Железничка ми требаше повеќе од еден час. Автобусот со број 15 доаѓа на 40 минути. Сепак се одлучив да тргнам со два автобуси, па кога стигнавме на Рекорд имаше што да се види. Таму е вистинската журка. Стотитици луѓе во 19:00 часот чекаат небаре е 08:00 сабајле. А во автобусите патниците како сардини. Дно дна. Во главен град да немаш јавен превоз како што доликува е за секаква осуда“, револтирано вели А.С.

„Кратка хорор приказна не можеш да кажеш веќе за возење со градски превоз, затоа што сега е навистина доооолгаааа хорор приказна. Во Козле кај бензинската Макпетрол чекав автобус 50 минути. Автобусот што поминува во 18:06 ми избега. Според возниот ред следниот требаше да дојде во 18:15. Не дојде. Чекам. Следниот по возен ред требаше да стигне во 18:24. Не дојде. Чекам. Следниот требаше да дојде во 18:33. Не дојде. Чекам. Следниот требаше да дојде во 18:42. Погодувате, да, секако не дојде. Следниот требаше да дојде во 18:51. Дојде во 18:53 Алелуја. Бев со мало дете инаку ќе си тргнев пешки, побрзо ќе стигнев сигурно. За еден час автобуската се наполни со дваесетина луѓе, колку што нема ни сабајле кога одат луѓе на работа. Ова што им се случува на граѓаните благодарение на лошото управување на градските власти е под секое ниво. Се возиме во валкани и херметички затворени автобуси како ние да немаме никакво достоинство и права. Ако немаат капацитет градските власти да го решат овој проблем, подобро нека го предадат кормилото на друг!“, вели А.Т.

Граѓаните велат дека не знаат ни каде да се информираат за возниот ред на ЈСП. Едно пишува на официјална страна на ЈСП: http://jsp.com.mk/PlanskiVozenRed.aspx, а друго пак на апликацијата што божем треба да следи во живо како се движат автобусите по постојки. Ни ваму ни таму нема точни информации. Не се компатибилни, ниту пак се ажурирани со ситуацијата на терен.

Минатата недела почна отворањето на пријавите од приватните превозници кои конкурираа на јавниот повик за 16 линии во јавниот превоз. Арсовска треба да избере кои од нив ги исполнува условите и критериумите за да ги стават нивните автобуси на улица.

Град Скопје бараше приватни превозници во три пакети и тоа: за линиите со броеви: 23, 45,61,63,73,9,11,11а,12,47а,55,19,20,22,52 и 54.

Кога и дали и приватните автобуси ќе се вклучат во јавниот градски превоз останува да одлучи Градот.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

Истражување: Прегратката го прави детето поинтелигентно

Секојдневната прегратка, што родителите можат да му ја пружат на детето –...

АКТУЕЛНО

Град Скопје го одбележа 1 Март – Денот на нулта дискриминација

Градоначалничката на Град Скопје, денеска во средното училиште на Град Скопје „Јосип...

АКТУЕЛНО

На 30 хонорарци им се прекинати договорите во МКЦ

Со одлука на директорот на МКЦ, Арбен-Бени Шаќири, на 30 хонорарци од...

АКТУЕЛНО

Герасимовски: Еколошката свест кај децата носи зелена и одржлива иднина

Во рамки на кампањата „Редуцирај. Селектирај. Рециклирај”, и Меморандумот за соработка кој...