Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски речиси и да нема кој не го знае. Не толку како директор, колку како успешен спортист, ракометар и репрезентативец. Но, дека ги поместува границите на успехот, како во спортот, така и како прв човек на Агенцијата, говорат неколкуте клучни проекти зад кој стои тој и неговиот тим. Овој пат со него не зборуваме за ракометот, туку за тоа што работи Агенцијата за млади и спорт и што досега има реализирано.
Иако, 091инфо е скопски, градски портал, не можам прво да не ве прашам, до каде е базенот во Струга, вашиот роден град, проект за кој знам дека вложивте огромен напор, но и личен ангажман?
МОЈСОВСКИ: Чинам дека во 2003 година беше ставен клуч на базенот во Струга и до денес се уште не работи. Со години секој ветуваше дека ќе го стави во функција, но никој не презема иницијатива. Веднаш по моето назначување за директор на Агенцијата, се направи иницијатива и тоа за два базена, едниот во Скопје, другиот во Струга.
Со оглед дека струшкиот базен е објект од националан интерес, направивме се што треба за еден таков проект. Таму работите се во завршна фаза и очекуваме да мај, годинава да биде готов. Иако имаше рок до октомври- ноември, сакаме и ќе го пуштиме базенот порано. Единствено ќе остане да се реши прашањето со стопанисувањето на базенот. Бидејќи е објект од национален интерес, државата одлучува за него, таа е надлежна. На маса се две опции, претпријатие, општина… Што ќе се избере, допрва ќе видиме. Но, со сигурност знам дека ќе се даде на оној кој утре ќе може да продолжи да го одржува и чува објектот. И нема да се стави клуч. Оти најлесно е, направи му го некому, на некој градоначалник и тој штом не дал пари, наједноставно му е за шест месеци да го стави клучот или да го даде некому свадби да прави таму. Тоа нема да се дозволи.
Спортската сала Партизан е исто така проект на Агенцијата, кој значи многу за скопјани. До каде се таму работите?
МОЈСОВСКИ: Откако претходно за тој објект имаше некои правни нессогласувања, во 2020 се даде на Општина Карпош, а оттаму побараа да направиме проект. Секако, веднаш почнавме и до ноември , кога е и законскиот рок, спортската сала треба да биде пуштена. Работите се при крај, и од она што сме виделе на терен, салата е навистина преубаво направена. Ќе ги има истите намени, како претходно – соблекувални, просторија за медицина. Партизан ќе биде прекрасен спортски комплекс со сите пропратни елементи и искрено ме радува што скопјани ќе го добијат она за кое со години апелираа и молеа. Тука сакам да најавам и дека веднаш до Партизан во план е да се гради и нов базен. За таа намена, завршен е тндерот и за скоро време ќе почне да се гради и тој затворен базен. Со ова, децата и младите ќе добијат простор и можност на едно место да ги имаат сите потребни спортски активности
Проектот со фитнес зоните се покажа како исклучително добар и практичен за сите граѓани. Какви стојат во тој дел работите?
МОЈСОВСКИ: Точно така, овој проект се покажаа како одличен, кој особено користеше во време на ковидот. Луѓето максимално ги користеа и се уште ги користат. Од новите 15 фитнес зони, пет се во функција, а сега со останатите сакаме да опфатиме места каде што нема, односно да поставиме онаму каде нема, а треба, како и во рурални делови. На некои места, планот ни е фитнес зоните да се спојат со некои локални игралишта и да станат еден вид на рекреативни зони мали спортски комплекси.
Имам идеја да има една и на врвот на Водно, па сето тоа да биде како еден вид на комплет рекреација. Се качуваш на Водно, доаѓаш до Крстот, кусо одмараш и после си вежбаш. Имаме план да поставиме ваква урбана опрема и во Студентскиот дом Гоце Делчев, каде има многу млади луѓе и на кои ова одлично ќе им дојде.
За првпат во земјава се носи Национална стратегија за млади, што се смета за стратешки документ. Може ли да ни кажете што предвидува таа?
МОЈСОВСКИ: Националната стратегија е во последната фаза. Во тек се консултации, забелешки и веќе е во организација последниот голем настан на кој ќе се објави стратешкиот документ. Агенција за млади и спорт како носител на активностите за креирање на Националната стратегија за млади, заедно со младите, службениците за млади, младинските здруженија, чадор организациите, како и со локалните младински совети ги дефинира стратешките приоритети во овие тематски области:
- Младинско учество
- Младинско информирање
- Младинска работа
- Образование
- Култура
- Здравје
- Претприемништво и поддршка пред вработување
- Безбедност
Водечки принципи кои ќе се применат во сите политики и активности кои се однесуваат на младите се: Еднаквост и недискриминација, Учество и Хоризонтален пристап.
АМС вложува сериозни напори во воспоставувањето на младинската инфраструктура како и овозможување на услови за секој млад човек да може да се вклучи во процесите на носење на одлуки. И ние и Владата на РСМ сме големи поддржувач на младите и креираме простор и услови, нивниот глас да допре до институциите како една конкретна мерка, активност и реформа која ќе ја унапреди положбата на младиот човек и неговиот стандард.
Оваа стратегија значи отварање на можноста редовните студенти да стапат во редовен работен однос, определен број часови – опција која им е на располагање на студентите во најголем број европски земји.
Покрај сето ова Агенцијата за млади и спорт е дел од РИКО, со своја финансиска подршка и учество од речиси 9 000 000 денари на име на учество на државата во вкупниот буџет на РИКО. Сакам да изразам благодарност до нашите партнери и поддржувачи OSCE Mission to Skopje , UNDP MK и UNFPA! Посебна благодарност за вклученоста на младите, претставниците на младинските организации како и на претставниците на државните органи.
И на крајот, морам да ве прашам и за шпекулациите за тоа дека Агенцијата ќе се затвора и дека ќе се припои кон Министерството за политички систем и односи со заедниците. Кој е вашиот став и мислење?
МОЈСОВСКИ: Сите земји во Европа и сите наши соседи имаат министерства за млади и спорт. Јас лично не гледам ништо помеѓу младите и спортот со политичкиот систем, а уште помалку со односите со заедниците. Спортот не признава заедници, не признава млад и стар, националности. На состаноците со младите често се отвора прашањето за потребата од формирање на министерство за млади и спорт. Тоа значи да одиме напред, на повисоко ниво. Припојвањето кон некое друго министерство ќе значи враќање наназад, а тоа никој не го сака.
Leave a comment