ПРИКАЗНИ

Љубов голема колку СКОПЈЕ 

Фото: Јован Лесански
default

Скопје не престанува да ме изненадува и да ме восхитува со секој нов ден. Кога и да посакам да преоткријам некој дел од него што ми ја милува и разнежува душата, секогаш наидувам на нешто ново и возбудливо.

Магично е како Скопје се градело низ вековите, со сите негови подеми и падови. Како се борело со сите предизвици, а сепак блескало со целата своја раскош.

Скопје е градено врз темели од љубов. Токму љубовта одново го кревала секојпат кога ќе потклекне.

Скопје е љубов заради луѓето во него. И секогаш сè е заради љубовта. Таа врзува, а истовремено ослободува и крева. Културата на еден град и на една цивилизација е тесно поврзана со духот на народот. Со неговите вредности, идеали и соништа.

Неверојатна мешавина на култури кои му даваат неповторлив шмек, нашето сонувано Скопје е секогаш романтично, вљубувачко, заводливо со својот шарм и пулс. А сето тоа го прави единствен меѓу сите градови.

Скопје е град на различности, богата симбиоза на старото и новото, на Истокот и Западот, поделен на два дела со реката Вардар над која се крева мост на кој му нема рамен – Камениот мост, импозантна градба стара неколку века.

Скопје е и копнеж по едно минато време, по нешто што е неповратно исчезнато од Градот, најмногу поради природни катастрофи.

Европско Скопје е приказната која почнува засилено да се пишува по земјотресот од 1963 година, и оттогаш станува светска метропола. Во него пулсира срцето на светот и се зборува на сите светски јазици. Затоа што Скопје отсекогаш бил отворен град кој ги следел светските текови и храбро ги прифаќал промените на новото време. Но и покрај толкуте влијанија однадвор, сепак успева да ја задржи својата уникатност.

Скопје е приказна што постојано треба да се раскажува и прераскажува. За да не ја заборавиме историјата на нашиот град, стара над 2.200 години.

Токму ние, раскажувачите, ја имаме оваа вековна задача да ги зачуваме настаните и спомените од заборавот, да им ги пренесеме на следните генерации, за да знаат од каде потекнуваат. Зашто ако не знаеш од каде доаѓаш, не знаеш ни каде одиш.

Некои луѓе ги врзуваат места, а некои места ги врзуваат луѓето!

Мене Скопје ме врза со еден аманет што ќе го носам до крајот на животот. Да ја прераскажувам душата на градот со толку многу душа.

Скопје, те носиме во срцата со сите убави и лоши спомени, остварени сонови и оние што допрва ќе се остваруваат. За тебе вреди да се пишуваат книги, да се оживуваат спомени, да се раскажуваат еден куп приказни. За да живеат среќно во срцата на секој читател, исто како што сме среќни ние што живееме во тебе!

(Фото:Јован Лесански)

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

ПРИКАЗНИ

Што може да посетите во Скопје оваа зима

Директните летови за Скопје почнуваат на 18 декември. Одбравме осум работи што...

ПРИКАЗНИ

КУПУВАЈТЕ САМО ОД ВИСТИНСКИ ПЧЕЛАРИ: Продажбата на фалсификуван мед се поголема

Како да се препознае вистинскиот мед од напливот на се поголемиот број...

ПРИКАЗНИ

ЗЕЛЕНИОТ ДИЈАМАНТ НА СКОПЈЕ: Како кралската градина стана Градски парк

Градскиот парк во Скопје е волшебна оаза сместена во срцето на главниот...