Грациозноста и елеганатните движења ја издвојуваат примабалерината Марија Кичевска Шокаровска во нејзините балетски претстави. Како уметност, балетот кај нас не е многу популаризиран но се повеќе девојчиња се запишуваат на балет водејќи се од првичната желба уште од мали нозе додека ги гледаат балерините на сцена. Колку и да изгледа гламурозно и отмено, оваа професија важи за една од потешките професии, па затоа и има бенифициран стаж. Многу дисциплина, карактер и посветеност се клучните работи за успех во оваа професија, вели примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, со која разговаравме за нејзината кариера и идни планови. Таа навистина има што да раскаже од нејзиното 23 годишно искуство како балерина.
Дали балетот е карактер?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Да, треба да имаш многу силен карактер, многу силна психа, физички да си доста издржлив. Физичкото ние постојано го тренираме, ама другото мораш да го носиш со себе. Сепак, балетот е во живо, публиката фаќа се и мораш да внимаваш. Тремата, адреналинот зема многу сила, треба поголема концентрација, силен карактер за да можеш да го издржиш тој притосок на претстава.
Дали тоа го вбројува балетот како една од најтешките професии?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: После рударството, балетот е најтешка професија! Многу е тешко. Како прв играч го имаш тој товар да ја раскажеш целата приказна и сите тие емоции да и ги пренесеш на публиката за да може таа да го разбере и да се поврзе со ликот што го играш.
Како се станува примабалерина?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Со број на претстави и број на улоги. Кога ќе почнеш, па ти се дава едно коло, второ коло, па гледаат како напредуваш, па ти даваат прва улога еднаш, два пати. Со многу работа, труд, посветеност, дисциплина и се што носи професијата.

Колку публиката кај нас знае да ја разбере суштината на тоа што го играте?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: На флаерот кој што го добиваат сите од публиката е раскажана целата претстава. Во балетот нема зборување, се е преку игра и гестикулации а, сепак мислам дека со балетската игра доволно јасно може да се раскаже приказната што пробуваш да ја пренесеш на публиката.
Имаат ли балерините посебни ритуали кои вклучуваат посебен режим на исхрана, активности и слично?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Секој различно, на пример јас никогаш не сум била на диета, немам проблем со килажа, никогаш не сум имала, не можам да кажам ништо за тоа, а имам колешки кои навистина се на строг режим, пазат што јадат, во колку часот јадат, колку количински, колку калории, се тоа што мене ми изгледа многу напорно и комплицирано, ама јас еве никогаш не сум имала проблем со тоа. Напротив, имало моменти кога ми кажувале малку да качам килограми, а за да симнам никогаш.
Рано легнување, рано станување – тоа е пожелно, но сепак тоа се остава на нас. Јас не легнувам рано, прилично подоцна. А станувам секогаш во последен момент, пред да почнам со проба и трчам секогаш на работа. Не е добро, ама едноставно таква сум.
Колку е талент, а колку е работа?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Јас мислам дека и двете се важни, но нормално,ако имаш талент, а не работиш, нема шанси за успех. Треба и талент, и физички способности, физички изглед, предиспозиции, нели тој што го имаме и внатрешен талент, чувства, емоции, дарба за глума и после тоа се е работата.
Што подразбира физички изглед?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Доволно долги нозе, доволно долги раце, врат, струк, пријатно лице. Грациозност која не се учи. Сепак има еден момент кој сами си го носиме одвнатре и никој не може да те научи тоа.

Пред која публика имаш повеќе трема? Пред македонската или пред странската публика?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Искрено, исто. Секогаш имам трема иако сите мислат дека немам трема и мислат дека сум доста поладна во однос на тоа. Мислам дека многу добро ја контролирам но, од тремата не можеш да се ослободиш, особено кога имаш многу тешка престава. На некој начин некогаш знае да е и исцрпувачка, ти ја зема енергијата. Но, со тек на годините се учиш да се носиш со тоа, го контролираш.
Дали имаш некој тим од колеги со кои полесно соработуваш и со кој полесно ти оди се или со секого можеш да се адаптираш и навикнеш?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Во принцип мојата работа е многу индивидуална. Јас не работам со други луѓе. Во последен момент се среќаваме со ансамблот. Имаме една проба пред претстава, значи ние комплетно сами работиме. Јас работам со мојот партнер и со мојот педагог. Значи со никој друг. Можеме да имаме една проба пред претстава во сала каде што ќе се собереме сите и сценската проба што ни е со оркестар. Толку.
Во принцип немам многу контакт со другите колеги, а нормално многу ми е важно педагогот што работи со мене да имам целосна доверба, почит. Јас моментално работам со Василиј Чичијашвили, кој што е присутен на сите проби. Не се важни луѓето од страна, туку твојот педагог.
Дали Националната опера и балет има недостиг од машки балетани?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Имаме доста машки колеги од странство кои моментално ги носат и првите и вторите улоги. Се гледа чудно малку кај нас во однос на оваа професија кога станува збор за машки балетани, па затоа повеќето се од странство. Ама можеби еден ден сето тоа ќе се надмине.
Во колку балетски претстави имаш играно досега?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Mногу се, вистина не знам. Имам 23 години стаж, а играм од мои 10 години и немам точна бројка затоа што многу се навистина.
Кое гостување го носиш како најдраго искуство?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Во принцип секое. Секаде имаат многу почит, кога ќе стапнете како надворешен играч, како гостин кога доаѓаш, секаде те третираат апсолутно прекрасно. Посебно драг ми е Сан Карло, затоа што е еден од најстарите театри во Европа. Таму играв Оревокршачка. Исто во Верона, Арена ди Верона е многу убав театар. Има повеќе. Скоро сите сцени во Европа се прекрасни.
Според тебе што е мерило за успех? Бољшој или аплаузот?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Аплаузот. Никогаш не сум имала претензии кон Русија, никогаш не сум била во Русија и не сум имала желба за таму.
Ако не живееш во Скопје, каде би живеела?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Кога бев малечка многу сакав да одам во Њујорк, и имав шанса да одам на аудиција во Америка и не знам како се случи некако не одбрав да одам. Во Европа многу сум играла. Сум живеела осум години низ различни градови во Европа ама баш за некој град немам некоја особена желба. Убаво ми е дома, дали донесов правилна одлука да се вратам или не, е нешто за кое постојано се преиспитувам, ама сепак дома си е дома.
Која е твојата идеја за совршена среќа?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Прво здравјето, нормално работата, бидејќи е голем дел од нашиот живот. Многу е важно да работиш тоа што го сакаш. И секако приватниот живот, семејството. Баланс на овие работи.
Кој е твојот најголем страв?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Порано сум се плашела да не се повредам и да ми прекине кариерата. Но сега веќе ми е надминато тоа. Пред година дена имав многу голема повреда и скоро цела сезона правев пауза.. Пак сум на сцената оваа сезона и се враќам во нормала.
Која улога би сакала да ја играш, а не си имала досега прилика?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Две се. Јулија од Ромео и Јулија и Бајадера. Ако можам да бирам, Бајадера ми е нешто најмногу што го сакам. Имаше шанса НОБ да ја прави претставата, ама за време на ковидот се изјалови таа идеја. Тоа е една прекрасна претстава со две главни улоги и многу би сакала да ја изиграм. Инаку јас сум тип на Јулија и по физикус и таа улога исто така ми е голем предизвик.
Нешто најценето што го поседуваш?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Спомените ми се најважното нешто. Од секој спомен имам по нешто, фотографија или слично. Сум освоила некоја награда или сум добила некоја улога што ја сакам па ќе си купам нешто во тоа име за да ме потсетува низ годините.
Што најмногу презираш?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Презирам непочитување кон професијата. Живееме во едно општетсво каде културата е многу малку ценета. Презирам кога работите не се како што треба иако има услови за тоа и секако недисциплината. Тоа е еден мал хаос што се прави кога има отсуство на дисциплина особено во оваа професија
Која ти е најизразена карактеристика?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Најизразена карактеристика кај мене е острината на вистината. Ако изгледам нежно, јас сум остар карактер. Кај мене се е по линија. Психички сум многу силна и точно знам што сакам. Кога не е се како што треба не функционирам. Немам многу причини за лажење. Премногу сум директна, не сум политичар. Така што, ретко скоро никогаш не лажам.
Која е твојата перцепција за Скопје?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Цело Скопје си го сакам. Тоа е мојот дом. Сакам да си се шетам по продавници, сакам да излезам со другарките на кафе, на ручек. Не сум по ноќните излегувања. Сега малку, како поминуваат годините, ќе бидам можеби порелаксирана и ќе имам време и сила и за тоа. Работиме 6 дена во неделата и кога ќе дојде сабота попладне јас веќе не можам да стојам на нозе. Немам сила за диско. Недела ми е единствен ден за одмор.
Паралела – сцените во светот и нашата сцена?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: 50 дена бев на турнеја во Мексико. Не очекував толку убави театри. Значи беа огромни, сцените преубави. Немаше еден театар да кажам леле катастрофа. Значи огромни сцени, гледалишта, преубава архитектура, комплетно немам никаква замерка. Ние имаме тука еден многу голем проблем. Имаме една сцена за балет во цела држава и таа сцена е апсолутно катастрофа. Значи подот ни е цел со дупки. Повредата што ја имав пред една година ми е од подот на сцената. На последната проба коленото и зглобот ми се искривија. Значи не можеш да балансираш, тоа е дупка до дупка. Минско поле. Секоја година е се полошо и полошо. Една сцена во една држава во ужасна состојба. Играв на 18 сцени таму и сите беа во одлична состојба. Една сцена немаше со дупки. Линолеум убав под одоздола, рамно. Ова кај нас е значи уништување на тетиви, лигаменти, колена, зглобови значи се. Не е тоа една година, се работи за цела деценија со ваква сцена. Речиси после секоја претстава имам по некоја повреда. Рамен под, ве молам играме на дупки!. Ногата никогаш нема да ми биде како што ми била. Крајно време е ова да се направи. Последното Лебедово езеро кога го играв на сцена, зглобовите ми се мрдаа а таа е претстава со прилично бавни движења каде се гледа секое треперење на телото. БАЛЕТ НЕ СЕ ИГРА НА ДУПКИ!

На што работиш во моментов?
КИЧЕВСКА ШОКАРОВСКА: Следно на репертоар е претставата Заспаната убавица која ја поставуваат колеги од Украина. После цели 12 години се прави обнова на оваа претстава и вечерва со почеток од 20:00 публиката ќе може повторно да ја гледа.
Leave a comment