КУЛТУРА

ГРАДСКИ МУАБЕТИ СО ПЕТРЕ АРСОВСКИ: Најевтино е да направиш добра претстава

Арсовски е од првата генерација дипломирани актери кај нас и зад себе има 55 години кариера.

Годинава Петре Арсовски, актер од првата генерација дипломирани актери кај нас, прославува 55 години актерска кариера. Како што ни раскажа, глумата не бил неговиот прв избор. На почеток запишал архитектура, па право, потоа книжевност и на крај се определил за глума. И не погрешил.

На самиот почеток, како што бил бунтовен по природа, наишол на отпор од тамошното раководство и бил избркан од театарот. „ Тогашниот режисер ми рече вака: тебе Петре ќе ти дадам една улога, ќе ја носите Вукосава Донева со уште тројца по сцена. Вака, два круга ќе ја вртите. Зашто да ја носиме? Ние на академија не учевме за тоа, земете си статисти. И ме избркаа од работа. Не доаѓав ни на проби, не дојдов ни на премиера. Нека ја носи Вукосава Донева некој друг. Бев на дисциплинска комисија и ми ја укинаа платата. Во тој период од животот мојот ментор, професор Милчин, некако ги смири копјата и се вратив во МНТ“.

Која улога извршила најголемо влијание врз вас?

АРСОВСКИ: Секоја од нив си однела свој дел, извршила свое влијание. Како доаѓале една по друга така сум чувствувал како се менувам. Со годините, и со улогите што доаѓале, чувствувам дека во позрелите години  имам различен приод. Искуството ти помага многу побргу да допреш до суштината на ликот. А порано како млад, како и секој друг актер, бараш… луташ… Многу е важно во чии раце ќе бидеш. Кој ќе ти режира, кој ќе ти биде ментор, кој ќе те води низ таа претстава како помлад. А потоа како осозреваш, како растеш, почнува да важи онаа позната изрека на еден од нашите повозрасни колеги: Твоја режија, моја глума!

Често доаѓа до разлчични ставови, различни мислења и почнувам да сфаќам дека во секоја претстава, како и во самата професија, мораш многу повеќе да водиш сметка за еден колективен чин. Тоа кај нас се уште не е созреано како сознание, не сме толку развиени.

Според вас, што е клучно талентот или работата?

АРСОВСКИ: Ако ви кажам дека двајца водечки актери од средната генерација, Никола Ристановски и Тони Михајловски по два пати паѓале на приемен, тогаш ќе ви биде јасно колку значи талентот, а колку работата. Со Никола во последно време сме дење ноќе заедно. Работевме на 3 големи претстави. Можам да видам, всушност не само преку него, ама тој е типичен пример, колку всушност значи работата. Не би можел да го кажам точно процентот, ама сигурно е во полза на работата. Тие што лежат и сметаат на нивниот талент, во поголем дел се веќе заборавени. Ги нема нигде. Тие што работат, сигурно го имаат своето место во театрите.

Кој е вашиот став околу независните театарски групи?

АРСОВСКИ: Се што се случува на сцена е по театрите. Некои интересни независни сцени, како што беа Мала станица на Унко и Кино Култура, не опстанаа. Има неколку групи на млади кои играат во МКЦ, се поставуваат претстави во Јавна соба, ама за жал,  тие не можат да опстојат од финансиски причини. Не можат да се одржат бидејќи мораш да имаш основни средства за да ја одржиш претставата. Не зборувам за хонорари, зборувам за дистрибуција на карти, за маркетинг, изнајмување на простор, светло мајстори, технички служби… Но паметам неколку такви претстави кои навистина беа  освежување и тие се неопходни. Многу ми е жал што нашето министерство не наоѓа доволно причини да ги поддржи. Тоа е изворот од каде излегуваат млади таленти. Од каде што излегуваат нови режисери, нови драматурзи, нови писатели. Запоставувајќи ја таа независна сцена или вонинститиуционална активност на младите луѓе, тој проток на таленти затајува.

ПОРАНО БЕШЕ ПОДОБРО. Оваа година МНТ добива средства само за две претстави преку цела година и тоа е катастрофа. На Нела Витошевиќ и Зоја Бузалковска, со образложение дека другите понуди биле многу скапи. Е сега тоа е тоа основно прашање. Што е скапо а што е евтино.  НАЈЕВТИНО Е ДА НАПРАВИШ ДОБРА ПРЕТСТАВА. Говорам од искуство. Сум играл во 80 од клучните претстави во мојот театар. Говорам за Среќна нова 49, за Буре барут, еве сега Народен  непријател, Сите сме птици. Сум играл во многу претстави кои биле на репертоар повеќе од десет години“.

Која претстава била најдолго на репертоар?

АРСОВСКИ: Буре барут со изиграни околу 300 претстави. Ќе играше уште, да не ја симна од репертоар Сашо Миленковски кој и ја режираше претставата. Ја симна од репертоар тогаш кога беше најдобра, во своја најзрела фаза.

Колку треба да си кондиционо подготвен за да можеш да играш претстава до полноќ и да се пресоблекуваш 7-8 пати за потребите на улогата?

АРСОВСКИ: Со тоа што си често на сцена, ослободен си од сите оние претпоставени кочници, кои ние ги нарекуваме сопки или проблеми, а со еден збор се викаат трема.  Ама не само трема, тоа е и подготвеност да во многу повисок процент го употребиш она искуство што го имаш секојдневно на сцена. Тука имаш влијание на публика, влијание на страв,  дека ќе го заборавиш текстот, дека не можеш да мислиш на сцена. Тоа е таа кондиција која се стекнува со многу проби, труд и желба да извадиш најдобро од улогата што ти ја доделил режисерот.

Колку проби се потребни за да се апсолвира една улога?

АРСОВСКИ: Тешко прашање. Зависи од кондицијата на актерите. Ви спомнав претходно дека режисерите сакаат употребливи актери. Актери кои кога се на сцена исто сакаат да бидат екипа. Да нема меѓу нив некој што ќе опструитра, некој љубоморен, некој што нема да прифати критика. Затоа што ние сме суетни а и професијата е таква. Мислам дека сме едни од ретките кои се секој своја фирма. Има и многу актери кои во секој колега гледаат опасност. Е тоа е голема кочница.

Со кои сте имале најдобра соработка? Кој е вашиот тим?

АРСОВСКИ: Па, некои веќе не се меѓу нас. Со покоен Душко Костовски, со Емил Рубен, со кои сме ја играле најдобрата претстава, надвор од МНТ. Тоа е драмата Црнила. Ете таа беше многу интересна претстава што не опстана. Од исти причини кои ви ги кажав на почетокот. МКЦ немаше можност да ја опслужи. Покрај Емил и мене, во претставата играше Микиќ, Јордан Симонов, Оливер Митковски, Шишков малиот ја режираше Виолета Џолева. Се погоди екипата, се погоди претставата. Се изиграа десетина и имаше одлични критики таа претстава. Но… не опстана. Не заживеа. Ако беше на репертоар на некој од театрите, ќе беше десетина години на репертоар.Текстот е актуелен  до ден денес.

Ненад Стојановски е една епизода од мојот живот, која остави длабоки траги и секогаш со радост се сеќавам на неа. Имав среќа да работам со него. Се препознавме, си кликнавме од прва.

Кој е најсреќниот момент во вашата кариера?

АРСОВСКИ: Игравме во Белград, Стеријино позорје го освоивме. 1500 влегоа внатре и 1500 останаа надвор да гледаат на бим. Стоеја Берчек, Мики Манојловиќ, Мира Карановиќ, Бора Тодоровиќ. Стоеја затоа што на седиштата беа нивните повозрасни колеги: Тадиќ, Мира Ступица.  ТОА БЕШЕ НАВИСТИНА ПРАЗНИК И ЕДЕН ОД НАЈСРЕЌНИТЕ МОМЕНТИ ВО МОЈАТА КАРИЕРА.  Уште бев млад, а го доживеав тоа што секој актер го сонува – да добиваш ОВАЦИИ НА СЦЕНАТА. Да ти ги паметат репликите кои до ден денес се кажуваат. Тоа се реплики што и јас сум ги пишувал. Кога имаш една екипа, добра екипа, која што размислува на сличен начин, доаѓаат идеи и нови реплики.

Која награда, признание, ви е најдраго?

АРСОВСКИ: 11 Октомври, за животно дело која ја добив 2018 година. Тоа признание ми е најдраго, затоа што комисијата едногласно се согласи со предлогот од мојата куќа.

Дали треба превод да се направи на времето во кое што  се играат тие претстави?

АРСОВСКИ: Класика е затоа што е вечна! ВО СВОИТЕ ПОРАКИ, ВО СВОЈОТ  ПРИОД КОН ЧОВЕКОТ,  КОН ЖИВОТОТ, КОЈ Е СУШТИНСКИ И ТРАЕ ДОЛГО ВРЕМЕ.

Многу млади режисери, барајќи да се докажат, приоѓаа кон една ваква метода: ќе направат Отело да е од Шутка, или Хамлет ќе го направат штребер изгубен во својата генерација. Мислејќи дека со извртување на авторот, правејќи адаптација што не е на место и  со неславен превод на делото, ќе ја одбегнат анонимноста.

Кој дел од Скопје ви е омилен?

АРСОВСКИ: Нема таков, не постои веќе. Не можам да сфатам како дозволивме да му го направат ова на Скопје. Страшно сум разочаран и не можам да разберам како дозволивме да ни го убијат градот една група мангупи и обични профитери. Градот е мртов сега.

И за крај, Петре ќе каже: СИЛАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР – АКТЕРОТ- Е СЕ УШТЕ ЖИВ, РАСТЕ И СЕ УШТЕ Е ТЕМЕЛ НА ТЕАТАРОТ!

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

КУЛТУРА

Изложба на фотографии на украинска визуелна уметница Софија Чотирбок

Во Националната Галерија Мала Станица се отвара изложбата на фотографии насловена како...

КУЛТУРА

Традиционален „Зимски салон 2024“ на ДЛУМ во Чифте амам

„Интимност и интерконекција“ (Intimacy and Interconnection) е насловот на биеналната изложба „Зимски...

КУЛТУРА

„Кобалт Синергија“ во галеријата на МКЦ

Во галеријата на Младински културен центар во Скопје овој петок (23 февруари)...

КУЛТУРА

Театарскиот перформанс „Лилит“ во КСП Центар-Јадро

Денес со почеток во 20:00 часот во КСП ЦЕНТАР ЈАДРО, ќе се...