За да се движиш безбедно на планина во почетокот додека да стекнеш искуство мораш да се движиш во група предводена од лиценциран планинарски водич со лиценца за водење во специфични услови. Благица Владимировска е успешен планинар веќе неколку години и оттогаш постојано ниже успеси и искачува врвови. Повод за денешниот разговор ни беше нејзиното најголемо достигнување досега, зимското искачување на Гросглокнер 3798м во Австрија.
Од кога си физички активна?
ВЛАДИМИРОВСКА: Од секогаш сум се занимавала со физичка активност. До мојата 20-та година професионално се занимавав со балет, а подоцна со фитнес, пилатес… Желбата за планинарење од секогаш била присутна но успеав да ја реализирам дури после 35-тата година и еве веќе 7-ма година активно се занимавам со овој спорт.
Никогаш планинарењето не било за мене рекреација, туку поле за самореализација самодостигнување и остварување на сопствените потенцијали.

Зошто на планина?
ВЛАДИМИРОВСКА: Заради магичната сила со која привлекува, енергијата која ја дава, заради прекрасните пејзажи, заради тоа што ме прави посилна похрабра подобра посмирена, зошто таму горе сум дома, зошто таму успевам да се најдам себе и зошто ме полни со неописива среќа и љубов кон се живо и кон себе.
Дали се сметаш за успешна?
ВЛАДИМИРОВСКА: Успехот е релативна работа, секогаш може подобро, поважно е да бидеш задоволен од себе, да поставуваш јасни и реални цели и да се стремиш кон нивно остварување. На патот е важно да одиш чекор по чекор , да не се вртиш назад и да се трудиш да ги поместуваш сопствените граници а со тоа да ги премостуваш препреките кои многу често самиот ги создаваш во сопствениот ум.

Дали некогаш си имала страв од висина или од непознато?
ВЛАДИМИРОВСКА: Не можам да кажам дека сум бестрашна, но секогаш кога ќе почуствувам дека доаѓа страв а тоа е обично страв од непознатото, се трудам и успевам во првата секунда да го пренасочам од страв во максимална концентрација при следниот потег и чекор и стравот исчезнува. Стравот постои ако вие му дозволите!
Опасности?
ВЛАДИМИРОВСКА: Секако дека на планина постојат опасности, но најголемата опасност е сопственото его. Самите на себе знаеме да бидеме најголеми непријатели. Добра проценка на сопствените можности и способности, добра проценка на временските услови и теренот, и одлуките кои ги носиме треба да бидат во согласност со реалната ситуација не водени од желбата за победа. Со природата не сте во трка не можете да победите. Во природата мора да ги следите знаците и да ја почитувате, исто така секогаш мора да ја носите соодветната опрема за временските услови и теренот и да бидете во одлична физичка и психичка состојба. Внимателно да ги бирате луѓето со кои одите на планина, да бидете членови на планинарски клуб со лиценцирани планинарски водичи, да бидете со слична физичка кондиција и спремност да се познавате доволно и да бидете послушни и дисциплинирани при одењето. Да ги почитувате водичите и знаците на природата.

Каква разлика има меѓу зимско и летното искачување?
ВЛАДИМИРОВСКА: Зимско искачување се смета кога е календарска зима, период од годината кога на високите планини има многу снег, ниски температури и денот е помал. Често се случува да дува силен ладен ветар, да има виулица, магла и намалена видливост, ниска температура до -40 степени. Бара многу поголема физичка подготвеност и издржливост на ниски температури, соодветна опрема, многу потежок ранец за носење, зимска опрема цепин, дерези, кацига. Како опасности освен лошото време и ниските температури се и лавините. Затоа се избегнуваат лесните патеки кои водат до долините, се оди од околу по сртовите по доста подолги патеки. Сето тоа допринесува дури пет пати да биде потешко. Потешко е да се искачи врв во зима, отколку во лето.

Дали имало случај некогаш да се вратиш назад и покрај тоа што врвот бил блиску?
ВЛАДИМИРОВСКА: Се случувало, тие се најважните одлуки кога треба да пресуди здравиот разум за реалната ситуација на теренот, состојбата на снегот и ризикот од опасност, во однос на нашето его. Добра проценка е најважната работа во овој спорт. Успешно искачување на врв може да се каже дури откако ќе се вратите безбедно дома.

Без што не тргнуваш?
ВЛАДИМИРОВСКА: Не се тргнува на планина без соодветна опрема, потребна слоевита облека, лесна а топла. Зимно време не се трга без зимска опрема дерези и цепин, топли ракавици и капи, вода, лесна храна, челна ламба, телефон, гпс.
Дали имаш можеби некој ментор, тренер од кој што си учела?
ВЛАДИМИРОВСКА: Моите почетоци и скоро се што имам досега научено за движење во планина е од Петар Герасимов планинарски водич во поранешниот клуб Макпетрол, мислам дека Петар уште од првиот момент препозна дека имам потенцијал за успех во овој спорт. Долги години искачував со едни од најспремните планинари кај нас Љупчо Ивановски и Горан Крстевски, со кои ја зголемив кондицијата и искуството, Гоце и Сашо Николовски несебично ми помагаат за спортско искачување на карпи, додека за алпинизам учам и ќе продолжам да учам од нашиот најискусен алпинист и високогорец Здравко Дејановиќ, кој ги има искачено најсмртоносните три врва во светот: Монт Еверест, К2 и Анапурна. Идол немам, но сметам дека јас сум инспирација за многу жени да започнат да се занимаваат со овој спорт, што ми е многу драго.
Омилен врв, достигнување?
ВЛАДИМИРОВСКА: Како најомилен врв воедно и најголемо достигнување можам да го издвојам последното зимско искачување на Гросглокнер 3798м во Австрија, но и секој врв поединечно секој убав на свој начин, Зумштајншпиц, Гран Парадисо, Триглав , Маја Језерце, Вихрен, Мусала, Митикас и Стефани, Кабаш зимско искачување, Рибничка Скала зимско од северна страна, Шар Планина со скоро сите нејзини врвови и многу други.
Следен предизвик ми е врвот Арарат во Турција заради неговата висина, Аконкагва и секако Еверест.
Небото е граница!


Leave a comment