ПРИКАЗНИ

ЕКСКЛУЗИВНО: Приказна со човекот кој со раце копаше под рушевините во Турција: Како некому да кажеш со помин кога изгубил цело семејство, тука нема утеха само силна прегратка

Волонтери се луѓе кои не очекуваат никаква награда, признание или плата за својата работа, а секогаш се тука да помогнат. Јасмин Реџепи од организацијата Легис е еден од нив. Кусо по катастрофалниот земјотрес што ја погоди Турција, откако беа испратени камиони со помош, Реџепи замина во погоденото подрачје. Тој емотивно зборува за сликата што го пречекала таму, за до темел урнатите згради и куќи и за тоа дека градот Антакија бил непрепознатлив. Ретко можеше да се види неоштетен објект. Антакија е стар град во кој низ историјата се испреплетени различни цивилизации, од антички, римски, рано-христијански, рано-исламски, селџучки и османлиски, и сега сето тоа се наоѓа под урнатини. Чаршијата во која се прават најубавите благи веќе ја немаше, ниту најстарата џамија во која се наоѓа гробот на Хабиби Неџар, лик спомнат во Куранот. Иако направив многу видеа и слики, од овие неколку омилени, едноставно не можев“, вели Реџепи.

Но, тој вели дека иако тлото цело време се тресело и не било смирено, максимално гледал да не обрнува внимание на тоа, туку заедно со тимот да биде зафатен со работа, со што помалку се мисли на можната непредвидлива небезбедност на теренот.

Вие сте познат хуманитарец кој години наназад преку својата организација им помага на луѓето. Доказ за тоа се многуте успешни акции зад Легис. Каков беше вашиот ангажман по катастрофалниот земјотрес во Турција?

РЕЏЕПИ: Веднаш по несреќните вести за земјотресот и за неговиот катастрофален и обемен карактер, стапивме во контакт со партнерите во Турција за детали и објавивме апел за донации, со што им овозможивме на нашите граѓани да ја искажат во дела својата солидарност со жителите од погодените подрачја во Турција и Сирија. Првите два дена се собраа доволно ќебиња, шатори, топла облека, храна и хигиенски пакети, па веднаш испративме еден камион помош. Во следните денови се собра уште за еден и тој го испративме. Исто така неколку комбиња помош испративме и со камионите кои тргнаа организирани од Меѓународниот Балкански Универзитет во Скопје. Во меѓувреме беа испратени 11 камиони помош насобрани на плоштадот Македонија во Скопје, при што ние како Легис им излеговме во пресрет со логистичка и организациона поддршка на младите студенти кои ја организираа оваа хуманитарна акција. Имајќи го предвид нашето искуство и несебичност, логично беше Легис да асистира на сите кои сакаа да направат нешто добро и да го обелат образот на Скопје, како град на солидарноста. Истовремено течеа подготовките за наше заминување на терен, за пречек на камионите, за распоредување и делење на пристигната помош.

Волонтерски, веднаш заминавте во Турција. Кажете ми како се чувствувавте кога дојдовте во разрушените градови?

РЕЏЕПИ: Што повеќе се приближувавме до нашата прва дестинација, Антакија, во провинцијата Хатај, толку почести беа призорите на оштетени, а потоа и до темел урнати згради и куќи. Имајќи предвид дека во различни наврати, повеќепати го имам посетено регионот при хуманитарни мисии на Легис, конкретно и градот Антакија, за мене лично беше запрепастувачки дека веќе не можам да го препознаам градот! Ретко можеше да се види неоштетен објект. Антакија е стар град во кој низ историјата се испреплетени различни цивилизации, од антички, римски, рано-христијански, рано-исламски, селџучки и османлиски, и сега сето тоа се наоѓа под урнатини. Чаршијата во која се прават најубавите благи веќе ја немаше, ниту најстарата џамија во која се наоѓа гробот на Хабиби Неџар, лик спомнат во Куранот. Иако направив многу видеа и слики, од овие неколку омилени, едноставно не можев. 

Низ ваши зборови, која беше сликата што ве пречека?

РЕЏЕПИ: Тоа беше град на духови. Поголемиот дел од жителите беа евакуирани. Помал дел престојуваа во шатори во парковите и стадионите, чекајќи да ги ископаат нивните блиски – живи или мртви, не сакајќи да ги остават сами под урнатините. Струја, вода, тоалет нема никаде. Екипите за претраги беа се уште на терен, како и огромна механизација која ги расчистуваше улиците, маалата, ги доуриваше лабилните објекти, посебно зградите кои беа искривени и се очекуваше секој момент да се срушат. Војската, полицијата и џандармеријата беа присутни на секаде, грижејќи се за безбедноста. Хуманитарните организации беа поставиле логистички центри во близина на градот, на безбедно, каде што се правеше храна, и од каде што се дистрибуираше храна, хигиена и штори за сите во градот и во околината. Секој си ја знаеше својата задача, си ја вршеше беспрекорно и напорно, без разлика на условите на терен. Ние веднаш се вклучивме во дистрибуција на потребните работи за евакуираното население, работејќи рамо до рамо со тимот на најголемата турска хуманитарна организација ИХХ. Тие секако беа присутни на терен поради бегалците кои се наоѓаат во регионот, па така сите логистички капацитети и човечки ресурси беа ставени на располагање. Во соседните градови Рејханли и Килис имаат фурни кои произведуваат по 70 000 лебови на ден, што беше од огромна корист за прехрана на евакуираните, како и 3 мобилни кујни и дваесетина статични поставени во камповите, готвејќи илјадници топли оброци дневно. Редици камиони чекаа на ред да бидат истоварени, а потоа со помали возили помошта да биде дистрибуирана каде што е најпотребно. Видовме тимови на хуманитарни организации кои се дојдени скоро од цел свет: Од САД, земјите на ЕУ, земјите на Блискиот Исток, Северна и Јужна Африка, Малезија и Индонезија, од каде се не, а секако и ние од Балканот. Солидарноста за Турција го обедини целиот свет. Битно е да напоменам дека иако меѓународните тимови за спасување беа спречени да помогнат во Сирија поради воено-политичките неприлики, хуманитарни организации беа присутни и нивната помош се дистрибуираше таму на терен. Иако тлото цело време тресеше и не беше смирено, максимално гледавме да не обрнуваме внимание на тоа, туку да бидеме зафатени со работа, со што помалку се мисли на можната непредвидлива небезбедност на терен. Условите за сместување согласно ситуацијата беа максимално добри и безбедни.

Што е она кое ви остави најсилен впечаток? Случка, ситуација, слика…

РЕЏЕПИ: Освен во Антакија, како Легис имавме можност да волонтираме и во подрачјата на Газиантеп и Кахраманмараш. Исто така, како на турските граѓани, неселективно им помагавме и на сириските бегалци кои останаа без кров на главата. Дел од волонтерите кои работеа на терен беа и млади луѓе кои студирале во други градови, па кога се вратиле дознале дека останале без своите семејства и домови. Се вклучиле во помагање заедно со нас, само за да низ работата си ја олеснат маката и губитокот, да не чекаат напразно покрај рушевините, губејќи го разумот од пресилните емоции. Јас сакав, но не можев да им изразам сочувство со зборови. Со кои зборови? Нека е со помин? Што да помине? Како ќе помине тој трагичен губиток на цело семејство? Едноставно не постојат зборови за утеха во вакви ситуации, освен силна прегратка и взаемно пуштени солзи низ правливите лица… Ги посетивме и масовните гробници каде постојано се закопуваа луѓе. Го прашавме човекот кој работеше таму, како се чувствува. Ни рече дека првиот ден работеле и плачеле, а сега работат со иста тага, но со пресушени солзи. Во друга ситуација во Кахраманмараш, наидовме на шестчлено семејство бегалци од Сирија, кое живееше во едно мало камионче. Им понудивме шатор, но тие го одбија: „Ние имаме каде да се сместиме, други немаат. Дајте им прво ним, за нас е полесно. И земете малку од вечерата која ја поставивме за нас. Изгледате уморно, работите до доцна, сигурно сте гладни.“ За волја на вистината, на таков терен ниту се јаде, ниту се пие, бидејќи нема вода и тоалети, се додека не се вратиме во волонтерската база. Им оставивме храна и ќебиња, се поздравивме, гушкајќи ги, пренесувајќи ја нашата благодарност за нивната свесност за потребите на останатите. Дури и момчето коие што седеше до мене на враќање од Газиантеп, ми раскажа дека се вратил за погребот на вујко му, вујна му и двете братучетки чија зграда била срушена до темел.

Додека патувавме до таму, па и назад, секаде имавме добар пречек од локалното население, со пофалби и честитки за напорите од малата Македонија да и се помогне на тешко погодената Турција. Нивната благодарност посакуваа да ја пренесеме до сите граѓани кои донираа, кои волонтираа, кои се грижеа, кои беа на терен и лично да помогнат.

Бевте во Антакија, Хатај и оттаму порачавте дека секој дом ќе биде реизграден, но не и секоја душа изгубена под рушевините. Ќе се успее ли да се обезбеди пристоен кров над главата на луѓето таму?

РЕЏЕПИ: Тоа беше прашањето кое си го поставив првиот момент – на толкава девастација, како е можно да се згрижат сите овие луѓе? Но, тоа што го видовме на терен подоцна, беше восхитувачки. Додека на едно место се рушеа згради, на другите места во околината се поставуваше инфраструктура за контејнери за сместување. Во такви беа сместувани и бегалците во турција, но и кај нас во Македонија. Во нив има 2 спални соби, кујна и тоалет со бања, канализација, вода и струја, наместени со мебел. Денес, десетина дена подоцна, гледаме видеа дека луѓето се веќе сместени, а изградени им се и училишта и градинки од исти материјали. Нема сомнеж дека Турција има капацитет да менаџира ваква една немила состојба, имајќи го предвид долгогодишното нивно искуство во помагање ширум светот. Ова се привремени објекти, додека не се изградат градовите и селата од ново, како што од ново беше изградено и Скопје. Единствено што е потребно е кој колку може да се вклучи во овие хумантарни активности кои Легис со своите партнери ги спроведува на терен, за да можеме да бидеме горди на нашата солидарност, бидејќи Турција секогаш била од помош во нашиот регион. Добрината треба да се памти и со добрина да се врати! 

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

ПРИКАЗНИ

ЗЕЛЕНИОТ ДИЈАМАНТ НА СКОПЈЕ: Како кралската градина стана Градски парк

Градскиот парк во Скопје е волшебна оаза сместена во срцето на главниот...

ПРИКАЗНИ

Луѓето порано се срамеа ако имаа нечисти чевли!

Сакип Севхеров од Шуто Оризари е меѓу најстарите чистачи на чевли во...

МАГАЗИНПРИКАЗНИ

Зоолошката градина во Загреб – волшебен микросвет кој плени со својата хармонија

Зоолошката градина на градот Загреб е една од трите зоолошки градини во...

ПРИКАЗНИ

Што може да посетите во Скопје оваа зима

Директните летови за Скопје почнуваат на 18 декември. Одбравме осум работи што...