Бродот „Среќа“ на кејот на реката Вардар кај хотелот „Холидеј ин“ стои разурнат, полн со ѓубре и отпад. Градоначалничката Данела Арсовска нема намера да продолжи со уривањето на бродот кое го започна нејзиниот претходник Петре Шилегов и дозволува тој да претставува грда слика за центарот на Скопје.
Во саботата доцна вечерта изби пожар во бродот. Како што велат од Бригадата за противпожарна заштита било запалено ѓубрето кои стои внатре од уривањето, но било веднаш интервенирано и не се дозволило проширување на пожарот. Ова е втор пожар на галијата, која исто така се запали и во септември 2021 година.
Од Град Скопје не добивме одговор на нашите прашања зошто галијата не се урива и дали Градот има воопшто намера да ја отстрани.
Бродот „Среќа“ е дел од проектот „Скопје 2014“ во рамките на кој, во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски во коритото на Вардар беа поставени три галии. Кога во 2017 година на градоначалничката функција дојде Петре Шилегов рече дека галиите ќе се отстранат. Во неговиот мандат почна постапка само за едната галија бидејќи сопственикот на ги почитувал одредбите од договорот. Тогаш Шилегов кажа дека не се платени три кирии и со тоа се исполнети условите за раскинување на договорот. Со оглед на тоа дека тие се водат како урбана опрема, беше речено дека бродот „Среќа“ веднаш ќе биде отстанет, за што почнаа и активности во јуни 2021.
Но, по доаѓањето на функција на Арсовска уривањето беше стопирано, а сопственикот на бродот ги бркаше работниците кои уриваа со псовки и им викаше ‘Кај Петре да одите сега‘. Арсовска која постојано избегнува новинарски прашања ниту еднаш конкретно не кажа што ќе се случува со бродовите во Вардар, само кусо одговараше ‘тоа е завршена работа‘.
Од трите галии во моментов работи само бродот на фирмата „Воденица“ на Кејот кај Градски трговски центар. Бродот кај МЕПСО на фирмата „Фаланга“ не работи со години, а сопственикот велеше дека е затворен поради градежни работи на мостот за Панорамското тркало. Градежните работи на мостот уште пред две години завршија и кејот повторно стана прооден, но тбродот не почна со работа. И покрај тој Град Скопје нема намера ниту него да го урне.
Leave a comment