Градежниот инспекторат на Општина Центар со 12.500 евра казни две фирми за небезбедно градилиште. Станува збор за вкупно пет казни на инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ и изведувачот „Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“ кои имаат градилиште позади Универзалната сала.
Инспекцијата утврдила дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот „Бинјапи Инжинеринг“ бил обврзан да постави армирано бетонски колови, тн. шипови, за обезебедување на јамата, но тоа не го сторил и на тој начин постапил спротивно на одобрението за градење. Со изоставувањето на армирано бетонските колови, инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а вчера пропадна и дел од улицата „9 Мај“, каде што се наоѓа и спорното градилиште.
Ова градилиште претходно беше неколкупати затворано од градежната инспекција, но инвеститорот сам ги отстрануваше заштитните инспекциски ленти и продолжуваше со градење, не земајќи ги предвид законските одредби и решенијата од инспекцијата.
Оттука, постапувајќи по Законот за градење, градежниот инспектор на Општина Центар изрекол вкупно 5 глоби и тоа: 4.000 евра во денарска противвредност за непреземање на мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра во денарска противвредност за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи Инжинеринг“, 7.000 евра за правното лице – изведувач „ Арадико Коп ДООЕЛ увоз извоз“, 500 евра за одговорното лице во правното лице – изведувач и 500 евра за градежниот инжинер за изведба, сите во денарска противвредност.
Leave a comment