Европската комисија (ЕК) објави повик за бесплатни билети за воз за патување низ Европа, на кој може да се пријават млади лица од земјава. Пријавите за учество во иницијативата Откријте ја ЕУ- Discover EU ќе траат до 29 март, а 35.000 избрани кандидати ќе добијат бесплатна пропусница.
Поканата е отворена за сите млади, родени од 1 јули 2004 година до 30 јуни 2005 година од земји-членки на ЕУ и земји вклучени во програмата Еразмус+.
Заинтересираните треба да се пријават преку Европскиот портал за млади, да одговорат на пет прашања од квиз за ЕУ и други младински иницијативи на ЕУ и уште едно дополнително прашање.
Тие, исто така, ќе можат да користат картичка за попуст со повеќе од 40.000 попусти за јавен превоз, културни и спортски настани, сместување, храна и други услуги достапни во земјите што ги исполнуваат условите.
Националните агенции за програмата Еразмус+ ќе имаат информативни состаноци со избраните кандидати за да ги подготват за патувањето, а лицата со попреченост или здравствени проблеми ќе добијат дополнителна поддршка и придружба за време на патувањето.
Иницијативата „Откријте ја ЕУ“ беше лансирана во јуни 2018 година и е вклучена во новата програма Еразмус за периодот 2021-2027 година.
Патувањето им помогна на повеќето од учесниците да станат понезависни, да се запознаат со другите култури и европската историја, како и да го подобрат своето познавање на странски јазик, се вели во соопштението.
Leave a comment