РИТАМ НА ГРАДОТ

КУЛ МЕСТО ВО ГРАДОТ СО КОЕ СЕ СЛАВИ СКОПЈЕ

Skopje is brutal – Brutal is SK.

Бруталиск е мултимедијален концепт на група скопјани кои се обидуваат да го прослават најдоброто од Скопје – скопскиот брутализам. Тоа е правец во модерната архитектура кој повторно ја враќа популарноста во светот што ја имал во втората половина на 20-иот век, кога е изградено Скопје какво што е денес. За тоа што ова ново место значи за главниот град и во која насока ќе се развива, разговаравме со Никола Наумоски, еден од креаторите на Бруталиск.

Како последица на што настана Бруталиск?

НАУМОСКИ: Настана како потреба да се прослави, информира и профитира од уникатноста на нашиот град, а тоа е неговиот брутализам. Во Скопје имаме преку 50 главни општествени згради и инфраструктура изградена во овој стил, а, ако ги вклучиме и станбените објекти, бројката е преку 200. Тоа е доминантен стил во скопската архитектура, иако делува дека е малку засенет со фасадите од СК2014. Но, не е се‘ во бројките и статистиките. Во редот на имињата на архитектите на овие објекти имате имиња на светски и југословенски суперѕвезди, како и цела генерација на еминентни проектанти и професори од скопскиот архитектонски факултет кои оставиле трага во овој град која што Скопјани, свесно или несвесно, секојдневно ја пропуштаат или игнорираат.

Од каде името?

НАУМОСКИ: Skopje is brutal – Brutal is SK.

Логото на Бруталиск е мече. Дали е можеби култното мече од Градски парк или друга е приказната?

НАУМОСКИ: Тоа е делумно приказната. Нашето мече истовремено потсеќа по нозете и на сводовите на Камени Мост, но приказната е дефинитивно поврзана со култното мече. Поставено во далечната 1959 како дел од една изложба во Градски Парк, а изработено од страна на учениците на проф. Димо Тодоровски во скопското средно уметничко школо, тоа има стекнато иконски статус кај сите сегашни живи генерации на Скопјани. Практично, нема дете родено после 1959 во Скопје кое нема спомени или фотографии со ова мече кое со време станало споменик на детската имагинација, многу поцврсто врежан во семејните албуми отколку некои други подоминантни споменици на поважни места во градот.
Но, интересно е што ова не е единствено вакво мече во Скопје, затоа што негови реплики има и во дворот на градската библиотека во Карпош 3, како и во двор на приватна куќа на ул. Димитар Мирчев. Некои стари Скопјани се сеќаваат дека едно од овие мечиња било поставено во дворот на градската библиотека која се срушила во земјотресот.

Скопје е вашиот лајтмотив? Што конкретно од Скопје сакате да прославите со овој мултимедијален центар?

НАУМОСКИ: Сакаме да го претставиме највредното од Скопје. И тоа не е само брутализмот во архитектурата, туку и живата култура. На ова место можете да најдете луѓе кои прават музика, можете да погледнете изложба, гледате филм, да учествувате во работилница, набавите облека и сувенири од Скопје, или да се напиете некоја пијачка во убава атмосфера и друштво.

Кој дел од Скопје ви е омилен?

НАУМОСКИ: Од бетонскиот дел на Скопје, Градски Sид е дефинитивно најимпресивниот и најпријатниот дел на градот. Тротоарите, плоштадите, дрворедите, игралиштата, дуќаните… можеби не се денес во најдобра форма, но се секако убави и функционални. Од зелениот дел на Скопје – тоа е градскиот парк.

Што е за вас скопски брутализам?

НАУМОСКИ: Тоа е повеќе од само еден правец во архитектурата присутен во многу други градови во светот. За Скопје, брутализмот е културно наследство – архитектонски стил користен во времето на изградбата на градот по земјотресот кој сведочи за вредностите, човечките и технолошките капацитети со кои Скопје претендирал да биде градот на иднината. Тоа е несомнено подобро време на општествен план – денови на обнова, светска солидарност, мир, другарство, волонтерство како највисоки вредности… тоа се објекти и инфраструктура проектирани од најдобрите македонски, југословенски и светски архитекти и урбанисти во тоа време, изведувани од градежни фирми, работници и младински бригади со невидена брзина и ентузијазам за да бидат оставени во наследство кое слабо се одржува денес.

Споменавте дека набргу ќе почне да функционира и ново радио во рамки на локалот? Кога, како, што?

НАУМОСКИ: Радио Град треба да се отвори идниот месец како онлајн радио кое ќе работи 24/7, но и како подкаст платформа за on-demand аудио содржини. Планот е радиото и Бруталиск да се надополнуваат во програмата, па изведувачите од музичките и драмските настани да одат во етер во живо или со пост-продукција, а радиото да ги промовира локалните уметници и активисти.

Дали планирате да се ширите дополнително со оглед на фактот дека веќе се прави голема гужва на настаните кои се масовно посетени?

НАУМОСКИ: Наскоро отвораме летна градина во дворот на бул. Илинден 38А, а самата куќа изградена во далечната 1903 дозволува идно просторно ширење и реобмислување што дополнително ја зголемува нејзината вредност. Наскоро во Бруталиск ќе почнеме да служиме и храна за да ги направиме настаните поцелосни, да ги задржиме посетителите што подолго и да ги испратиме дома што посреќни.

Првиот квартал Бруталиск го заврши со повеќе од 90 настани за 90 дена. За оваа пролет најавени се исто така многу музички, ликовни и детски перформанси.

091info.mk ќе продолжи да ве информира за се што можете да видите и чуете во Бруталиск.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

РИТАМ НА ГРАДОТ

„Fame’s unplugged session“ во Café Literatura

Утре, од 12:30 до 13:45 часот, во ‘Café Literatura’ (Дајмонд мол), љубителите...

РИТАМ НА ГРАДОТ

Фестивал на современа македонска поп музика – ПОП КУЛТУРА

Оваа сабота, на 17 февруари, во 20:30 часот во едукативниот културен центар „Лабораториум“ ќе се одржи...

РИТАМ НА ГРАДОТ

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

Модната изложба „Носиме УМЕТНОСТ/llevamos ARTE/nous portons l’ART“, составена од креации на студентите...

РИТАМ НА ГРАДОТ

По 12. пат „Земјотрес“ во МКЦ

Најголемиот фестивал на свежа, домашна и независна музика Земјотрес, ќе се одржи...