ГРАДСКИ МУАБЕТИ

ГРАДСКИ МУАБЕТИ СО ФОТОГРАФОТ ВЛАДИМИР АРСОВСКИ: За одлична фотографија некогаш се малку и 4 години

„Немам никаква желба да го снимам Скопје. Скопје 2014 е трагедија. Не би сакал ни да го дискутирам. Дегудантно е уништен градот сто посто“.

Владимир Арсовски е еден од тројцата фотографи кај нас, кој се има стекнато со титулата Мајстор на уметничка фотографија. „Во рамките на Фотосојузот на Македонија ја имам добиено највисоката изложбена титула – Мајстор на уметничка фотографија. Тројца живи  мајстори имаме сега, јас, Боро Илиќ и Цветан Галевски“. Тој веќе 47 години се занимава со фотографија и за себе вели дека покрај ова достигнување има уште две други, на кои е особено горд.

Арсовски има титула мајстор на уметничка фотографија.

„Во поглед на изложбите најголемо достигнување ми се две изложби и тоа не на моја иницијатива, првата беше 2012 на покана на Нирнберг каде што имав самостојна изложба во една преубава галерија на која што продадов многу фотографии. И ми претставува особено задоволство затоа што имаше голем интерес од тамошните жители, а јас сепак за нив бев сосема непознат фотограф. Поголемо признание нема без оглед на финансискиот фидбек од продажбата. Нирнеберг е едната изложба, а втората која ми претставува големо лично признание беше во Словенија. На покана на Светската федерација за уметничка фотографија (ФИА) имав самостојна изложба која траеше 4 месеци во еден преубав замок во Словенија, еден од трите изложбени салони на Светската федерација во светот. Тоа е еден проект кој го работев 10 години. Тоа е животната приказна на обичниот човек раскажана преку состојбата со рибловните чамци во Македонија. Снимени се чамците од нивното раѓање , целиот работен век до нивно умирање на нашите најубави езера. Колекција исклучително тешко да се направи, од 25 фотографии со исти мотиви. Тоа е моето животно достигнување од аспект на изложби“.

Каде е локацијата на Вашата најдобра пејзажна фотографија?

АРСОВСКИ: „Во Македонија. Тоа е сцената со манастирот Никола Шишевски. Прв пат кога го видов си ја замислив сцената како манастирот и шпиц од карпата изникнуваат од маглата и за да ја снимам таа фотографија 9 пати морав да се качувам горе на врвот и 4 години ја бркав сцената“.

Манастир Никола Шишевски – Скопје.

Што е пресудно да се направи добра гола фотографија?

АРСОВСКИ: „Релација мора да се воспостави, систем на доверба мора да има, стереотипите поготово на Балканот овде се многу јаки и предиспозицијата за нив е многу голема. Значи тие блокади мора да се тргнат, едноставно и моделот да сфати дека се работи за естетски уметнички пристап, а не се работи за нешто друго. Тоа е првиот стереотип кој мора да се разбие а после тоа е концептот. Значи концептот на снимање, светлосните услови, играта на светлото со женското тело,бидејќи за мене женското тело е најперфектното нешто што постои“!

Во однос на моделите за овие голи фотографии, тој вели дека му било особено тешко да соработува со модели оттука. Наишол на големи препреки кога во 2006 одина во „Мала станица“ ја поставувал првата форматна изложба на голи фотографии. „Потоа веќе најдовме едно решение, колегите фотографи од Бугарија организираа семинари за гола фотографија во Варна. Имаше професионални модели, секој си бираше модели. Така што повеќето голи фотографии ми се снимени во Бугарија со нивни модели“.

Тој истакна дека секогаш кога слика пејзажни фотографии се труди да сними нешто што е тешко достапно. Тоа е комбинација најчесто на климатски и светлосни услови кога обичниот човек нема можност да го види тој пејзаж. „ Тоа кај нас е смрзнато Дојранско езеро. Кај мене повеќе доминираат зимските фотографии. Ги бркам пејзажите кои што сметам дека се многу убави и локалитетите кои се многу убави со својата приказна со се. За мене е голем бенефит кога обичниот човек ќе може да ги види тие фотографи, се воодушевуваат не само на фотографијата, туку и на локалитетот кој што го гледаат“.

За теоријата „Golden hour“ вели дека е веќе етаблирана работа во оваа уметност. „Golden hour значи рано насабајле, пред зајдисонце, Blue hour после зајдисонце додека не стане црна ноќта. Тука имам и доста експерименти правено со вештачко доосветлување или light painting со диодни светла каде што правам комбинација на дневното светло и вештачко светло“.

Како го доживувате Скопје низ објективот?

АРСОВСКИ: Имав еден голем проект пред 15 години – Amazing Macedonia. Трето уво издаде аудиовизуелна фотографија што постигна светски признанија. Сите 700 фотографии се мои лични и многу сум горд на постигнатиот резултат. За жал после тоа се што се случуваше немам никаква желба да го снимам Скопје. Скопје 2014 е трагедија. Не би сакал ни да го дискутирам. Дегудантно е уништен градот сто посто“.

Дали имате фотографија која нема цена?

АРСОВСКИ: „Имам една таква фотографија, која за жал не е веќе кај мене. Таа е кај едни мои блиски пријатели и таа фотографија им ја поклонив далечната 83 година. Тоа е класична фотографија голем формат изработена со хемиска техника и тоа е акт снимен 82 година во Скопје. За жал филмовите ги немам од таа фотографија и не можам да ја репродуцирам повеќе и едноставно тоа е за мене едно врвно достигнување кое е ненадминато, и од временска дистанца и од технолошка“.

Црно – бела или фотографија во боја?

АРСОВСКИ: „Тука правило нема. Секогаш велам ако има доволно колорит, треба да остане колор, доколку го нема колоритот работиме црно бело фотографија со тоа што црно белата фортографија е посебен предизвик затоа што при гледањето на црно белата фотографија гледачот во својот мозок веќе ги генерира боите“.

Зошто токму Норвешка ја фотографиравте во делот на пејзажни фотографии?

АРСОВСКИ: „Таму е многу специфично во однос на светлото. Светлото во Скандинавија е етаблирано како фотографско најдобро светло бидејќи сонцето не доаѓа во зенитот, значи тоа е косо, легнато со убави сенки, со убава температура, воздухот е чист, немаме магла и слично. Норвешка, затоа што има преубави планини. Планински шпицови кои се стравотно убави и сето тоа прошарано со снег дава една гравура што е неописиво убаво“.

Покрај Норвешка, Исланд, Шведска и Финска следен предизвик му е Антарктик и јужна Америка, особено интересен за него Мачу Пикчу.

Во прилог споделуваме една фотогалерија издвоена од неговите прекрасни фотографии. Уживајте во нив!

 

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Препорачуваме

Related Articles

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Имаше моменти кога сакав да се откажам од сè, но поддршката од брат ми ме остави на тркачките стази

Малкумина знаат дека во Скопје живее 27-годишно момче, кое е единствениот Македонец...

ГРАДСКИ МУАБЕТИ

Во Македонија има убави крупни жени, но треба да им се даде поголема видливост

Последните неколку години на модните писти зачекорија и девојки/жени со облини како...