ПРИКАЗНИ

МАКЕДОНСКА МАЈКА СО СКАНДИНАВСКИ НАВИКИ: „НЕ СЕ ВОДАМ СЛЕПО ПО ТУЃИТЕ ИСКУСТВА“

Скопје е пурпурно со златни нишки. Баш како бојата на срцето кога ја гали бојата на сонцето. Знае да угости и да ги гушне луѓето кои и на поминување се тука. Свети во ноќта и блеска на изгрејсонце. Скопје сме ние. Ние сме Скопје.

ФОТО: Борис Каески

Весна Ѓурковска на македонската јавност е веќе добро позната по нејзиниот блог Вкусни приказни, по нејзината едукација на родителите и децата за подигнување свесност за здрава исхрана. Нејзините почетоци во однос на оваа едукација ги гледаме во оформување на фб групата Здрава храна, здрави деца каде таа со постирање на различни типови храна се обидува да наметне еден друг начин на исхрана кој ќе го подигне здравјето на децата.

Уметност во чинија (ФОТО: Борис Каески)

 

По начинот на едукација и воспитување на децата наликува како да е некаде од Скандинавијата. Слободниот простор што им го дава на децата, поминување повеќе време во природа, играње со земја и вода, заедничко подготвување на ручек, пазарење итн се само дел од навиките кои таа ги практикува со нејзините деца, меѓутоа и со нејзините мали ученици во Nova International Schools. Веќе втора година, таа е наставник по танци и физичко воспитување за деца од 3-7 години во приватното училиште Нова.

На час во Нова

За начинот на работа и едукација во Нова таа вели дека не соодветствува со нашиот образовен систем и на шега кажува дека кога е во Нова, се чувствува како да е во друга држава.

Од каде го научи овој систем на воспитување и исхрана на децата?

Весна Ѓ: Самата улога на мајка и родител сама по себе ми донесе нови прашања и предизвици, па следствено тоа и интерес за да научам повеќе на темата. Никогаш не се трудев слепо да се водам по туѓи искуства, па дури и ако се најпозитивни. Сметам, дека секое дете носи поинаква енергија и улога на секој родител и дека треба да не’ научи нешто. Така беше и во мојот случај. Две деца, две различни искуства. Од бременост, преку доење, па подоцна исхраната и секако темпераментот и сензибилитетот што го носат. Мојот однос и начин на доживување на двете искуства како мајка беше исто така поинаков. Секогаш се шегувам дека едното дете е често по книга, а второто по стрип 🙂 Едното те учи дека табелите за исхрана функционираат, а другото дека се’ е поинаку, туку го следиш детето и неговите потреби, желби, но и каприци. Таква беше и мојата приказна за Максим и Ника. Едноставно си ги променив своите мислења и дотогашни научени искуства за кои што мислев дека се правилни и прифатив дека растам, се развивам и менувам со нив. Така се развивав како мајка, менував, следев и уживав во авантурите со нивните потенцијали.

 

Дали можеби твоите родители ти го наметнаа?

Весна Ѓ: Моите родители ме научија да бидам флексибилна и да готвам :))) Најубавите вегетаријански чорби и макала ги научив дур гледав како татко ми со уживање ги приготвува. Од мајка ми ја научив улогата на мајка која работи и се труди да балансира помеѓу сите обврски на денешнината.  Веројатно некаде длабоко во кодот ми е врежано дека оброците и чувството на среќа се на масата, додека сме на семеен ручек или појадок.

Какво дете беше Весна?

Весна Ѓ: Мирно, повлечено и срамежливо :)) Имаше и таква фаза, но како поминуваа годините се развивав во дете кое што пред се’ сака да танцува, глуми, пее и учи да готви. Редовно организирав некакви приредби пред зграда, квизови, бев водителка на детски емисии во локална телевизија во Куманово, пеев на фестивали и глумев во аматерски претстави. Растев надвор со деца и со многу игра, поминував многу време во некакви активности кои ме исполнуваа и наоѓав начин за да ги остварам своите идеи.

Со кој предизвик се соочуваш сега?

Весна Ѓ: Да најдам време за сите идеи и проекти кои ги имам замислено и испланирано, а воедно да останам доследна на себе и мојата улога како мајка на две мали деца.

Неодамна почна со свои работилници во едно ново кул место во градов? Кои се впечатоците, на кои теми се и колку има заинтересираност?

Весна Ѓ: На покана на Ивана и Сања од Арт Бригада, во Brutalisk започнав со работилници кои се неформално дружење на дечиња кои имаат интерес за танц и храна. Впечатоците се дека на Скопје му треба поинаков концепт, кој засега одлично функционира во ова катче и моето искуство покажа дека на децата им треба само слобода да бидат онака како што би сакале да бидат на зададена тема. Првата работилница за танц ми покажа дека танцот е се’ уште број еден активност кај секое дете. Втората, пак ми покажа дека на децата само треба да им дадеш задача и простор за имагинација, подоцна следи ја магијата 🙂

Дел од атмосферата на последната работилница 

На што работиш во моментов?

Весна Ѓ: Освен работната позиција во Нова како наставник, започнав со ангажман како кореограф на песничките на детскиот фестивал Поточиња, како и работилниците во Brutalisk. Воедно, работам на финализирање на идеите кои се започнати поодамна.

Кое е твоето животно мото?

Весна Ѓ: Ако треба да цитирам нечие друго мото во кое целосно верувам, тоа би било: „ Се’ тече, се’ се менува.“ Но, јас би кажала дека, дур се менуваме, најчесто откриваме нови работи за себе, но и за останатите. Она што мене ме движи е желбата за да научам нови нешта и помагам со она што го знам.

Дали слободата е клучот за среќата?

Весна Ѓ: Да, доколку слободата подразбира личен избор и одговорност кон истата. Веројатно, љубовта ја носи слободата. Луѓето што љубат, најчесто летаат, а птиците отсекогаш се синоним за слобода.

Кој е твојот животен сон?

Весна Ѓ: Да израснам среќни и добри деца, во личности кои ќе имаат почит кон себе и другите. Веројатно тоа е сонот на секој родител. Мојот личен сон како жена е: малечката куќичка ( по можност покрај вода ) со голем двор и светилки, каде што постојано ќе има добра храна, музика и вино:))

Како се дефинираш себеси?

Весна Ѓ: Гласен активист и поборник за доење и храна, уметник што слика без четки и платно, едукатор, караоке ентузијаст, раскажувач и пишувач на приказни (ова е мојот омилен). Сите улоги си ги изградив и прифатив како свои. Ми требаше време да се погледнам однатре и сфатам дека она што отсекогаш ме дефинираше е тој неформален начин на живот и учење кој спонтано прерасна во моја професија.

Каде се гледаш ти најмногу и што најмногу те исполнува?

Весна Ѓ: Уживам во работа во која нема судир на лажни ега и доминација. Тоа е меѓу децата. Енергијата која ме движи е взаемното почитување со нив и нивната безгрижност. Најдобриот показател за тоа дека се’ што имаме е тука и сега е додека сме околу нив и нивните искрени коментари.

Која е твојата перцепција за Скопје?

Весна Ѓ: Скопје е пурпурно со златни нишки. Баш како бојата на срцето кога ја гали бојата на сонцето. Знае да угости и да ги гушне луѓето кои и на поминување се тука. Свети во ноќта и блеска на изгрејсонце. Скопје сме ние. Ние сме Скопје.

Омилена фотографија од Скопје

Дали имаш омилен дел од Скопје?

Весна Ѓ: Чаршијата и миксот на култури низ пукнатините на калдрмата. Јаболкниците на Максим Горки додека цветаат. Паркот со летечките ‘змејови’. Водно во пролет.

Се гледаме Весна на новите предизвици. Екипата на 091info.mk ќе ги бележи и следи твоите успеси.

СКОПЈЕ Е СРЕЌНО СО ТЕБЕ!

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

МАГАЗИНПРИКАЗНИ

Зоолошката градина во Загреб – волшебен микросвет кој плени со својата хармонија

Зоолошката градина на градот Загреб е една од трите зоолошки градини во...

ПРИКАЗНИ

Што може да посетите во Скопје оваа зима

Директните летови за Скопје почнуваат на 18 декември. Одбравме осум работи што...

ПРИКАЗНИ

КУПУВАЈТЕ САМО ОД ВИСТИНСКИ ПЧЕЛАРИ: Продажбата на фалсификуван мед се поголема

Како да се препознае вистинскиот мед од напливот на се поголемиот број...