АКТУЕЛНО

СТРАВ, ВОЗНЕМИРЕНОСТ, ТРАУМА: Дојавите за лажни бомби сериозно влијаат врз менталното здравје на децата

Психологот д-р Марија Конеска потенцира дека овој период на секојдневен стрес веќе трае долго, па кај децата лесно може да се развие пост-трауматски синдром, анксиозност, разни ментални растројства и други загрозувачки состојби за менталното здравје. 

Од 26. октомври минатата година Скопје го тероризираат лажни дојави на бомби во повеќе образовни институции и трговски продажни центри. Интензитетот на овие досега лажни дојави е се поголем и оди до таа мера, секој втор ден да има дојава на бомба во училиштата.

При секоја дојава за бомба, Министерството за внатрешни работи е должно да направи целосна проверка на училиштето, а учениците заедно со наставниците да се оддалечат што е можно подалеку. Наставниците во пониските одделенија, од прво до петто одделение, се должни да ги повикаат родителите да си ги земат децата.

Дојавите за лажни бомби имаат сериозно влијание врз менталното здравје на децата како и на квалитетот на образованието кое го добиваат од училишната настава.

На оваа тема, поразговаравме со Марија Конеска – психолог и психотерапевт, Центар за развој, едукација и советување МАША МАРИЈА Скопје.

„Дојавите за поставени бомби во училиштата кои секојдневно протекуваат, вознемируваат цело население кое е инволвирано и се повеќе влијаат на разнишувањето на менталното здравје кај децата. Луѓето колку повеќе се изложени на стресни ситуации, толку е поголема веројатноста дека кај нив ќе се појави чувство на анксиозност, вознемиреност, неизвесност и страв.  Влијанието од ден на ден станува се поголемо, како што стануваат се поинтензивни и поизразени овие негативни емоции и кај децата, и кај родителите и кај наставниот кадар. Децата веќе почнуваат и да го очекуваат моментот кој ќе предизвика кај нив вознемиреност, па дел од емоциите и порано се чувствуваат и тлеат кај децата“, истакнува Конеска.

Како што вели таа, во разговор со родителите на помалите деца добива информации дека децата им се вознемирени секој ден и дека некои не сакале ни да одат во училиште затоа што се плашат. Родителите, пак се загрижени колку ќе трае тој страв кај децата и што може да предизвика на подолг период.

„Секоја закана по безбедноста колку е почеста, толку повеќе доведува до можности потиснатите емоции да кумулираат во посериозна ментална состојба. Веќе трае овој период на секојдневен стрес кај децата, па може да се развие пост-трауматски синдром, анксиозност, разни ментални растројства и други загрозувачки состојби за менталното здравје кај децата“, потенцира психологот.

Секоја закана по безбедноста колку е почеста, толку повеќе доведува до можности потиснатите емоции да кумулираат во посериозна ментална состојба, нагласува Конеска.

На прашањето дали овој проблем е поизразен кај помалите или кај поголемите деца, основци или средношколци, Конеска одговара:

„Кај помалите деца поизразени се негативните емоции како реакција на оваа ситуација, затоа што единствено што знаат е дека се случува нешто страшно, а тоа создава вознемиреност, несигурност кај нив и се плашат многу повеќе од поголемите деца. Средношколците се и гневни и вознемирени од несериозноста на системот и нефункционалноста на образовниот процес, па се бурни на овие ситуации. Често ги гледаме дека се радуваат дека губат часови, но кај нив постои и свесноста дека изгубеното треба да се надополни, па не сакаат да се случуваат овие моменти на стрес и вознемиреност“.

На прашањето „како ќе се рефлектира ова во делот на чувство на сигурност и безбедност кај децата во нивниот втор дом: училиштата?“, психологот одговара:

„Порано сите знаевме дека училиштето е безбедно место исто колку што е безбеден и нашиот дом. Но овој момент каде е загрозена основна потреба на човекот – безбедноста и тоа во места кои ги сметаме за безбедни за нашите деца, создава високо изразено чувство на несигурност и небезбедност кај родителите и кај децата. Стресот кој се доживува секојдневно, создава и други пропратни мисли и емоции кои се насочени на целиот систем во државата, каде револтот исто така расте. Во сите случаи каде била загрозена основната потреба за безбедност, се реагирало бурно и со избегнување и оддалечување од местото кое ни го наложува тоа. Во случајов тоа се училиштата и е доста сериозно што ја загрозува и важноста на воспитно-разовниот процес“.

Стресот предизвикан од дојавите на бомби носи вознемиреност, непостојаност и нарушено секојдневие. Во тие ситуации родителите и наставниците го имаат главниот товар бидејќи треба да им се постојана поддршка на децата како и да им ги олеснат последиците од стресот. Со работа, разговор и посветување внимание кое никогаш не е доволно, децата ќе го пребродат овој период и ќе се вратат во колосек, а со силна воља од двете страни ќе се надокнадат и изгубените часови.

Leave a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Related Articles

АКТУЕЛНО

Утре бесплатен разглед на Скопје по повод Светскиот ден на туристички водичи

По повод Светскиот ден на туристички водичи, Македонската aсоцијација на туристички водичи...

АКТУЕЛНО

Прва канцеларија за родителство во Карпош

Во рамки на програмските активности на Општина Карпош, денес се одржа работен...

АКТУЕЛНО

Поставени две кутии за донација пред влезот на ЗОО

Скопската Зоолошка градина се приклучува на хуманитарната акција за успешно лекување на...

АКТУЕЛНО

Нов кош, голчиња и детски реквизити на спортските и на детското игралиште во населбата Пролет

Општина Центар ги реконструираше малото фудбалско, кошаркарско и детското игралиште во населба...