Од денес студентите во Скопје имаат свое место за работење, учење и забава. Новиот Студентски Културен Центар (СКЦ), прв од ваков вид во земјава, се наоѓа во палатата „Кузман“ веднаш до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“.
Овој простор, студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје ќе можат да го користат за дружење, размена на искуства и меѓусебна поддршка.
Свеченото отворање ќе биде вечерва со почеток од 20:30 часот, со музичка програма и изложба на студенти од Факултетот за ликовна уметност. За програмата на центарот ќе се грижи координативен тим од студенти кои ќе ја креираат истата на неделно и месечно ниво.
„Замислата е Студентскиот Културен Центар (СКЦ) да биде место каде студентите ќе можат да работат заедно, да учат и другаруваат. Целта на центарот е да даде повеќе простор на музичарите и младите уметници, односно на целата нова естрада којашто доаѓа и којашто треба да биде музичка авангарда во градот. Сметам дека вакви простори недостигаат, а потребата на младите и на студентите е голема. Овој центар е вистински погодок и доаѓа во вистинско време за студентите“, вели Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, организацијата чиј проект е СКЦ.
Овој мултифункционален простор се подготвува веќе неколку месеци додека архитектонското решение за Студентскиот културен центар е на поранешните студентки на Архитектонскиот факултет во Скопје, Елена Настеска и Маја Попоска. Опремата и просторот на СКЦ ќе можат да ги користат сите студенти, без разлика на кој факултет студираат.
Leave a comment