Приватните превозници се договорија со Град Скопје и според најавите, од 20 март веќе би требало да се вклучат во јавниот градски превоз. Како што изјави Јовица Зафировски, член на приватните превозници, „јавните повици за сите линии ќе се објават во петок или во понеделник“.
„Ги договоривме сите детали со градот, од исплатата на долгот на ЈСП од 1,5 милиони евра, до пуштањето на јавните повици“, потенцираше Зафировски.
Тој уверува дека на повиците ќе се пријават сите, бидејќи им одговараат понудените услови.
„Очекуваме дека до 20 овој месец ќе почнеме со работа. Има три јавни повици, односно три пакети и ќе бидат опфатени сите линии, меѓутоа, со нова прераспределба“, објасни приватниот превозник, но додаде дека засега немаат ништо потпишано и дека се било усно договорено.
Во однос на застареноста на некои од автобусите, Зафировски изјави дека целата листа на автобуси е доставена до Град Скопје и дека градоначалничката Данела Арсовска изразила подготвеност да ги субвенционира во тој дел.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град. Во меѓувреме, градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не во право.
Јавниот градски превоз, во меѓувреме, продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.
Leave a comment