Мартинка — висулец од засукани конци кој се става на 1. март за здравје во речиси сите земји во регионот. Во соседна Србија, Грција, Бугарија, Романија… Мартинката се изработува од волнено или памучно предиво во 2 основни бои — бела и црвена. Овој обичај се јавува во неколку форми, во зависност од државата каде се практикува. Во Романија и Молдавија, мартинката се нарекува ‘‘mărţişor‘‘, но таму мартинки носат само жените, додека во останатите земји со мартинки врзуваат сите – мажи, жени и деца.
Обичајот на носење мартинка за здравје и среќа е плод на многувековна традиција на Балканот.
Во класичниот изглед мартинката претставува засукан бел и црвен конец, најчестo волнен. Боите имаат строго определена смисла: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа. Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци.
Мартинките се носаат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а кај нас и до здогледување на првата ластовица. Според некои обичаи мартинката треба да се заврзе на расцветано дрво или се пушта во најблиската река “за да се тече како по вода”. Традицијата уште вели дека среќа носи и онаа мартинка што е подарена.
Leave a comment